Каде се наоѓаат најпрепознатливите градби од култните филмови и серии?
Сте се запрашале ли каде се наоѓа куќата на Хари Потер? А, знаете ли дека во Нов Зеланд има цело хобитско село направено за The Lord of the Rings?
Повеќето од најпрепознатливите градби од нашите омилени филмови и серии навистина постојат и можете дури и да ги посетите. Некои од нив се приватни имоти, некои ѝ припаѓаат на државата, некои биле реновирани, а некои изгледаат потполно исто како што ги знаеме.
Погледнете каде се наоѓаат најпознатите градби од култните филмови и серии:
Куќата од Charmed
Куќата на сестрите Халивел не се наоѓа во Сан Франциско, каде што е сместено дејството на серијата, туку во Лос Анџелес
Изградена е околу 1900-та, а во серијата е прикажана само нејзината фасада. Сцените од внатрешноста на домот на волшебничките се снимени во студио.
Куќата од серијалот Хари Потер
Куќата во која живее Хари со неговите тетка, тетин и братучед се наоѓа на помалку од еден час од Лондон.
Во 2016-та сопствениците ја реновирале и решиле да ја продадат, а поради популарноста, ја продале за половина милион фунти.
Хобитските куќи од Lord of the Rings
Препознатливата куќа на Билбо Багинс се наоѓа на фарма во Нов Зеланд. Всушност, за потребите на филмот било направено речиси цело село.
Откако завршило снимањето, поголемиот дел од сетот бил растурен, но куќите можете да ги видите и денес. Сепак, ова искуство ќе ве чини малку повеќе – цената за возрасни е над 89 долари.
Куќата од Breaking Bad
Куќата на Волтер Вајт е сместена во Албакерки, исто како и дејството на серијата.
Интересно е што на сопствениците им се смачило од многуте фанови на серијата, па ставиле ограда висока два метра. Многу фанови се обидувале да ја копираат препознатливата сцена од филмот, па неретко фрлале пица на покривот.