Филмови кои ви ја откриваат италијанската убавина
Доколку спаѓате во оние кои ја посетиле Италија или планираат наскоро да ја посетат, сигурно добро ќе ви дојде да ги погледнете овие филмови и да откриете дел од нејзините убавини каде се снимиле некои од сцените.
Преку некои од нив ќе дознаете многу и за италијанската култура, а можеби ќе откриете и некои скриени места полни со италијански шарм за кои не сте знаеле дека постојат.
Погледнете некој од следниве филмови:
„Празник во Рим“
Култен филм кој сигурно сте го гледале повеќе од еднаш. Ова е дефинитивно еден од најдобрите филмови кои може да ги погледнете пред да тргнете кон Италија. Ако ги тргнеме настрана феноменалните актерски имиња Одри Хепберн и Грегориј Пек, Рим е одлично прикажан, токму онака како што треба да се доживее.
„Писмата за Јулија“
Верона е легендарниот град на љубовта меѓу Ромео и Јулија. Преубавите пејзажи и глетките во ова гратче, како и љубовта која ѕирка од секој агол се доволна причина за да го погледнете овој филм и да откриете дека вистинската љубов не познава никакви граници и никогаш не знаете кога и каде ќе ја најдете вашата сродна душа.
„Под сонцето на Тоскана“
Ова е филм кој би можеле секојдневно да го гледате, а доколку се подготвувате за на пат, тогаш е задолжителен. Тоскана е фасцинантна и ќе ве освои веднаш. Затоа, внимавајте, ако имате обврски периодов да не заборавите на сè и да заминете веднаш.
„Јади, моли се и сакај“
Џулија Робертс и делот во филмот кога е на одмор во Италија сигурно ќе ве натера одново и одново да ја враќате сцената, ќе ве натера да посакате да сте таму и да јадете вкусна италијанска пица, шпагети болоњезе или да го научите италијанскиот јазик. Ќе се заљубите во италијанската култура.
„Кога си во Рим“
Повторно Рим и повторно љубов. Луда и откачена Кристен Бејл, заедно со Џош Духамел ќе ви ја покажат најромантичната страна на Рим. Сигурно вашето следно романтично патување ќе го испланирате токму таму и ќе посакате да почувствувате дел од таа љубовна магија.
„Казанова“
Венеција е најверојатно еден од најубавите и најинтересните градови во светот. Задолжително место за посета, а Казанова е името кое е поим за сета љубов и страст, вистински италијански лик. Хит Леџер во главната улога, заедно со Сиена Милер ќе ви го прикажат најзабавното и најстрасното од Венеција.
„Турист“
Кога ќе се најдат Анџелина Џоли и Џони Дип во Венеција и Рим, може ли да посакате подобра филмска комбинација и задоволување на сите апетити. Атрактивноста на актерите претставена низ авантурите во Италија се повеќе од доволни за да го погледнете овој филм.