Филмски викенд: Пред 20 години
Пред некој ден налетав на еден од овие филмови и сфатив дека во девеесетите имаше страшно добри филмови што некако се заборавиле со времето. Посебно ме заинтересира годината 1993 бидејки има некои ненормално квалитетни филмови како'Schindler's List' или незаборавни како 'Cool Runnings'.
За овој викенд ви одбравме 3 навистина прекрасни филмови, и нема да зажалите ако погледате било кој од нив. Уживајте во овој филмски викенд!
Dazed and Confused (1993)
Култен филм кој раскажува за последниот школски ден за гимназијалците во едно средно школо во 70тите години некаде во САД.
Филмот не се движи никаде и можеби изгледа дека нема приказна, но напротив така е снимен, за да го документира животот во тоа време.
Филмот има еден куп ликови, и доволно време се посветува на секој од нив да им го запознаеме карактерот на сите овие ликови.
Ги имаме бубалиците, спортистите, стонерите, бруцошите, згодните лоши девојки... Имаме интелентни дијалози, култни реченици се изговорени во филмов и запаметени засекогаш, имаме прекрасен саундтрак и едно чудо од познати глумци пред да станат познати.
Дефинитивно вреди да се погледне.
Режија: Richard Linklater
Глума: Jason London, Rory Cochrane, Wiley Wiggins,Milla Jovovich, Matthew McConaughey,Ben Affleck, Parker Posey, Joey Lauren Adams
True Romance (1993)
Уште еден класик од девеесетите. Не знам дали на некој му е познат, ама еден од попопуларните филмови на Тарантино (писател) и прилично засенет од Pulp Fiction што излезе наредната година.
Приказната се раскажува на начин карактеристичен за Тарантино. Непредвидлива акција измешана со црн хумор, откачени карактери и многу пукање. И се разбира Елвис Присли.
Во филмов имаме крадци, проститутки, макроа, мафијаши, полиција и сите се бркаат меѓу себе, а во целата таа фрка Клеренс и Алабама наоѓаат време за љубов и романтика.
Кога тој ќе го убие нејзиниот насилен макро, таа ќе заплаче и ќе искоментира дека тоа е толку романтично. Прекрасна изведба на Патриша Аркет и на Кристијан Слејтер.
Филм кој ќе ве насмее и забавува. Некои сцени ми оставиле толкав впечаток што никогаш ги немам заборавено. Се надевам дека ќе ви се допадне.
Режија: Tony Scott
Глума: Christian Slater, Patricia Arquette, Dennis Hopper, Val Kilmer,Christopher Walken,Brad Pitt, Gary Oldman, Samuel L. Jackson
The Piano (1993)
Овој филм е посериозен и бара повеќе внимание и посветеност, бидејки приказната е трогателна и тешка.
Дејствието е сместено во Нов Зеланд некаде во средината на 19ти век. Снимените пејсажи се прекрасни и ќе ви го одземе здивот.
Ада е жена од Шкотска која одбива да зборува и се изразува преку музиката што ја свири на нејзиното пијано. Неа ја праќаат во Нов Зеланд да му биде жена на еден тамошен земјопоседник.
Поради сплет на околности таа ќе започне љубовна афера со неговиот сосед. Романса каква што ретко ќе начекате на филм.
Прекрасна приказна придружена од одлична глума. Таа е придружена од нејзината ќерка, што ја глуми Ана Пакуин, која заслужено го собра оскарот иако има само 11 години во овој филм.
Навистина филм кој вреди да се изгледа.
Режија: Jane Campion
Глума: Holly Hunter, Harvey Keitel, Sam Neill, Anna Paquin
И.Т. | Црнобело