Филмски викенд: Анти-Св.Валентајн
За овој пост Св. Валентајн викенд ви спемивме неколку филмови кои не ја глорифицираат љубовта. Бидејки интернетот и светот станува премногу фокусиран на празникот и премногу време им се посветува на заљубените, ние решивме да ви покажеме нешто поинакво. Филмови за сингл луѓе.
Филмови што ќе ви покажат зошто е добро да не си во врска и сите болни чувства што доаѓаат кога си во несреќна врска.
Уживајте (или не) во овој филмски викенд!
Closer (2004)
Оваа оштра драма ги следи љубовните животи на четворицата крајно оштетени луѓе. Однадвор се прекрасни, згодни и делуваат интересно. Но, нивните срца се оштетени.
Секој од нив лаже и изневерува кога ќе стигне, скокаат од еден кревет во друг и те тераат да се запрашаш зошто воопшто сакаат да се во врска.
Ќе те натераат да не веруваш во средена, лојална врска со било кој. Актерската екипа е фантастична и одлично ни ги пренесуваат сите чуства за страст, љубов, омраза.
Ако очекувате лесна романтична комедија, не го гледајте овој филм.
Режија: Mike Nichols
Глума: Natalie Portman, Jude Law, Clive Owen, Julia Roberts
500 Days of Summer (2009)
Уште во самиот почеток филмов ни кажува дека ова не е филм за љубовна приказна. Ова е приказната на Том, кој ќе се заљуби толку длабоко, што не може ни да примети дека девојката во која е заљубен не го сака.
Прекрасен филм кој одлично ни раскажува како една приказна може да има две страни. Секој што поминал низ трауматско раскинување ќе се пронајде во овој филм.
Човек едноставно не може да го гледа, а да не почуствува колку е ладна девојката, а тој колку е безнадежно заљубен во неа.
Прекрасни сцени, прекрасни актери и прекрасни дијалози. Единствен филм кој истовремено и е романтична комедија, и не е.
Режија: Marc Webb
Глума: Zooey Deschanel, Joseph Gordon-Levitt
Revolutionary Road (2008)
Кога ќе го видите Леонардо ДиКаприо и Кејт Винслет одма ќе помислите грандиозна љубов, но ќе бидете во заблуда. Нема ништо среќно во овој филм.
Таа е домаќинка и заглавена во предградијата. Крајно несреќна и разочарана од себе, од сопругот, од животот.
Кога еден мал обид за пронаоѓање на среќата ќе пропадне, таа знае дека не може да продолжи да живее исто како порано и донесува одлука.
Филм кој за момент ќе ве натера да поверувате во љубов, и потоа ќе ви ги скрши сите илузии. Филм кој ќе ве исплаши од бракот и од животот воопшто.
Режија: Sam Mendes
Глума: Leonardo DiCaprio, Kate Winslet
Бонус:
Blue Valentine (2010)
Веќе еднаш препорачан, вреди да се спомне и во овој филмски викенд.
Иако филмов почнува со романтични елементи кога раскажува за почетоците на нивната љубов, сепак е само суров филм кој не потсетува дека љубовта може да се распадне со времето.
Некогаш едноставно љубовта не е доволна да функционира врската.
И.Т. | Црнобело