Филмски викенд: Базирани на вистински настани
Како што имам и предходно спомнато, особено ми се интересни филмовите што се базирани или инспирирани од вистински приказни.
Сакам да читам или да ги слушам приказните на величествените луѓе, оние што оставиле печат во историјата. Оние што го смениле светот.
За овој викенд ви спремивме три такви филмови. Првиот е историски филм за првата британска премиерка, вториот раскажува за раѓањето на вибраторот и третиот раскажува една сурова приказна за една мајка што се бори против корумпираната власт.
Се надевам дека некој од овие филмови ќе го фати вашето внимание, бидејки имате жанровски избор од политика, комедија или драма.
Уживајте во овој филмски викенд!
Филм што ја раскажува историјата на Маргарет Тачер, една од првите женски фигури во глобалната светска политика, а воедно и една од најконтроверзните.
Ако сте политички фанатик, или од постарата генерација, тогаш овој филм дефинитивно ќе ви се допадне.
Подостарената, скоро и сенилна, Маргарет се бори со духовите од минатото и со празнината што ја чувствува после смрта на нејзиниот маж.
Ја гледаме како ја започнува кариерата како млада девојка, нејзините мотивации и аспирации, нејзиниот живот како мајка и сопруга и нејзините најголеми успеси и падови во 11 годишната кариера како премиер на Велика Британија.
Навистина прекрасен историски филм, и убаво е да се погледне во овие пост-рецесивни времиња, да се потсетиме како започна приватизацијата во светот, што се изгуби, а што се доби.
Се разбира главната улога и припаѓа на Мерил Стип, единствената актерка што може убедливо да портретира толку значајна личност.
Глума: Meryl Streep, Jim Broadbent, Richard E. Grant
Иако е втор предлог, овој филм за мене е под категорија мора-да-го-гледате. Филм што е инспириран од вистински настани и го раскажува настанувањето на вибраторот.
Имено, др. Мортимер Гранвил неможе да најде работа како доктор па прифаќа да работи во ординација која се занимава со одредена женска болест наречена "Хистерија".
Третманот се состои од специфична пелвична масажа (што во денешно време поинаку ја викаме), која ги елиминира симптомите на таа "ужасна" болест.
Но набрзо неговиот рачен зглоб неможе да го издржи темпото на пациентките што го посетуваат па со неговиот пријател, смислуваат направа што ќе ја замени рачната стимулација.
Едноставно мора да го гледате филмот. Прекрасна комбинација од комедија и историја на едно место.
И не го пропуштајте крајот, каде се подредени сите модели од направата низ историјата :)
Глума: Maggie Gyllenhaal, Hugh Dancy, Jonathan Pryce
Малку постар филм, но поинаков од било кој друг што го има снимено Анџелина Џоли, па вреди да се спомне во случај да не го имате гледано.
Инспириран од вистински настани, зборува за една самохрана мајка во 1928 година која се враќа еден ден после работа и открива дека нејзиниот деветгодишен син е исчезнат.
Веднаш ја контактира полицијата која почнува потрага по детето, која во првите месеци е неуспешна.
После некое време, полицијата го наоѓа детето и организира голем настан каде сите новинари се присутни за да ги спојат мајката со синот. Но тоа не е нејзиниот син.
Таа пробува да им објасни на полицајците дека ова дете што тврди дека и е син, не е нејзиното дете, но тие одбиваат да и веруваат и ја прават луда.
Велат дека траумата и го поматила мозокот и дека заборавила како изгледа нејзиниот син.
Таа упорно се бори, собира изјави кои неоспорливо докажуваат дека тоа дете не е нејзиниот син, но никој не и верува и ја сместуваат во лудница.
Прекрасен филм, кој визуелно ќе ве пренесе во дваесетите години, во тоа општество каде жените никој не ги слушал и корумпираната власт владеела.
Филм што ќе ви го растрепери срцето, особено поради фактот дека оваа хорор приказната навистина се случила.
Глума: Angelina Jolie, Colm Feore, Amy Ryan
И.Т. | Црнобело