Го гледав филмот за Џеј – Три дена подоцна, сѐ уште сум под импресии
Ова не е музичка биографија на Џеј, ова е приказна за неговото детство, за тоа како тој добил една единствена шанса да успее и да побегне од улицата и да направи нешто од себе. Ова не е филм што како „Тома“ ќе ве остави потресени, емотивно истрошени и изморени, но, сепак, успева да го долови времето и минатото во кое многумина од нас израснале, а носи и една убава поука за помладите.
По филмот за Тома Здравковиќ, Србите одлучија да направат уште еден филм посветен на познат фолк пејач, а тоа е Џеј Рамадановски.
Филмот „Недеља“ ги руши рекордите за гледаност во регионот, а ја опфаќа приказната за успехот на момчето од белградската населба Дорќол и неговите најблиски пријатели.
Филм кој е насловен „Недеља“, во чест на најпознатата песна на познатиот пејач и во кој глумат и неколку македонски актери, како Бајрам Северџан, Емра Куртишова и Санела Емин, а имаше своја премиера и во Скопје, минатата недела.
Реакциите за филмот се најразлични. Некои се импресионирани, а други, пак, разочарани, критикуваат дека целта на филмот била само да се заработат пари врз името и делото на познатиот музичар.
Имав можност да го погледнам филмот „Недеља“ и, да бидам искрена, сѐ уште сум под импресии.
Ова не е филм што како „Тома“ ќе ве остави потресени, емотивно истрошени и изморени, но, сепак, успева да го долови времето и минатото во кое многумина од нас израснале.
Ќе се обидам да ги сублимирам сопствените импресии, без да навлегувам премногу во приказната. Таман толку-колку да ве натерам да купите билет и да го погледнете, но да не ви откријам што ќе видите.
Пред да продолжам понатаму, морам да нагласам дека композиторот и пејач Хусеин Алајиќ Хуса, кому му припадна улогата на Џеј, маестрално го одигра ликот.
Со оглед на тоа што тој имал можност да настапува како танчар на некои од настапите на Џеј, Хуса успеа идентично да ги преслика танцовите движења, но и да ја пренесе харизмата што Џеј ја поседуваше на сцената.
Успеа да прикаже како детето од улица целосно се менува на сцената и заборава на своите проблеми и маки кога настапува и кога пее. Како зрачи со харизма, на која никој не може да одолее.
Ова е за пофалба дотолку повеќе што Хуса не е актер и немал образование како некои познати личности - туку неговата игра е производ само на талентот.
Исто така, одлично беше и детето Ален Исмаили кое ја толкуваше улогата на Џеј во младоста. И, тука ќе застанам... И ќе се обидам да одговорам на сите оние што упатија и критики и велат дека се разочарани од филмот.