Го гледав филмот „Barbie“ – Кои ми беа првите впечатоци и зошто треба да му дадете шанса?
Шарениот розов свет ве учи што значи да се самоспознаете, тангира повеќе важни теми за улогата на жената во денешното општество, но и за начинот на којшто се менува воспитувањето на девојчињата во последните 100-тина години – кои се моите први впечатоци од филмот „Barbie“?
Мора да признаам дека пред да го погледнам филмот Barbie на режисерката Грета Гервиг и јас, како и многу други, бев скептична за тоа што може да очекувам.
Како новинар што, меѓу другото, ги следи случувањата на светската филмска сцена, ги имав видено сите фотографии од костимите на Марго Роби и Рајан Гослинг и го погледнав трејлерот, но како дипломиран компаратист бев скептична за тоа какво искуство би можела да ми пружи овој „лимонада“ филм, особено ако се земе предвид дека речиси никој и не знаеше каква е содржината и за што се зборува во него.
Но, откако потрошив еден час и 40-тина минути за да погледнам што сѐ е вклопено во филмот и за каква приказна се работи – мора да ви признам дека бев пријатно изненадена и додека го пишувам текстов сѐ уште сум под импресии.
Искрено, не ни почувствував кога летна времето, а по филмот уште неколку часа бев збунета и размислував за тоа од кои сѐ перспективи може да му се пристапи на толкувањето.
Во продолжение ќе се обидам да ви доловам неколку клучни аспекти што мене ми оставија впечаток, а кои се надевам дека ќе ве натераат да се упатите во киносалите и да го изгледате.
Јасно ми е зошто некои мажи како Илон Маск би можеле да бидат навредени од пораката на розовиот свет опишан во филмот, па затоа на Твитер да напишат како него:
„Ако земеш по еден 'шот' секојпат кога Барби ќе рече ‘патријархат’, ќе се онесвестиш пред филмот да заврши“.
https://twitter.com/elonmusk/status/1683373636189581312
Коментарот на Маск е оправдан, затоа што Barbie воопшто не е „лимонада филм“, туку зборува за односите меѓу мажите и жените и за начинот на којшто тие се менуваат низ годините.
Што значи да се живее во патријархат, а што во матријархат, односно во свет каде жените го имаат главниот збор?
Шарениот розов свет на Грета Гервиг ве учи што значи да се самоспознаете, тангира повеќе важни теми за улогата на жената во денешното општество, но и за начинот на којшто се менува воспитувањето на девојчињата во последните 100-тина години.
Од девојчиња кои смеат да си играат само со кукли бебиња и со реквизити за бебиња, затоа што нивната примарна улога е да станат мајки, до девојчињата на кои преку своите Барби кукли им е дозволено да сонуваат дека еден ден ќе имаат само своја куќа, само свој автомобил, само свој живот – во кој Кен има споредна улога и може да влезе само ако му дозволи Барби.
Како тој розов свет на имагинацијата кај девојчињата изгледа кога се деца, а како се менува во мигот кога треба да застанат цврсто на нозе и да прифатат дека веќе не се „барбики“ што можат целиот ден да го поминат чекорејќи на прсти.
Кој е Кен без Барби? - ова е едно од најинтересните прашања што според мене се поставува во филмот.
Освен длабоката тематика, што сигурно ќе им се допадне на оние што сакаат филмот да ги натера на размислување, ќе имате можност да видите и голем број комични моменти, да научите да се прифатите себеси такви какви што сте, но и да уживате во деталниот опис на Барби светот исполнет со розови куќички од соништата.
Во менувањето на кадрите лесно може да се воочи разликата меѓу розовиот свет на имагинацијата, каде жените можат да бидат сѐ што ќе посакаат, и оној црно-белиот на реалноста кој е суров и во кој главниот збор во голема мера „сѐ уште“ го имаат мажите.
Два света низ кои секоја жена мора да помине во својот живот, за да се трансформира од куклата „Барби“ во реална, вистинска „Барби“ која знае што сака да постигне и да добие во животот.
Затоа, пред да седнете да го гледате филмот потрудете се да се ослободите од предрасудите. Препуштете му се на искуството, а верувајте дека Barbie е искуство што вреди да се проба, па дури иако сте биле од оние за кои куклата е синоним за искривени морални вредности и искривена слика за женското тело.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело