5 причини зошто да ја изгледате шпанската серија „Valeria“ на Нетфликс
Можеби работата не ве исполнува, не знаете дали навистина сте со партнерот од љубов или од навика или, пак, живеете во голем град и се мачите да си ги платите киријата и сметките… Приказната на Валерија можеби е и вашата.
Беше мај 2020 година. Да, тогаш веќе бевме во карантин и се чудевме како да се навикнеме на новата реалност и што ќе правиме затворени дома.
За многумина, Нетфликс беше лек за душата во овие периоди, па така и јас често барав што следно да гледам.
Баш тогаш излезе шпанската серија Valeria и решив да ѝ дадам шанса за да бидам подалеку од неизвесностите и вознемиреноста на реалниот свет.
Валерија е главниот протагонист и заедно со нејзините 3 другарки нè потсетува дека никогаш не сме сами во нашите борби. Иако често се слушав на телефон со моите најблиски, можам да кажам дека на крајот на денот, Валерија, Лола, Кармен и Нереа ми беа исто така „другарки“ во кои барав утеха.
Валерија не поминува ден без своите пријателки кои секогаш се тука за неа и ја мотивираат да започне со пишувањето на својот прв роман.
Серијата има 3 сезони кои вреди да ги погледнете, а во продолжение прочитајте зошто:
Пријателството е „уште една врска“ за која треба да се грижиме
Да се биде пријател со некого значи да се толерира и она што не го сакате. Нешто многу присутно во Валерија, каде што прикажаното не е идеализирано пријателство.
Секоја од пријателките има свој живот и кога е време, сакале или не, се собираат за да се ислушаат, да побараат совет или едноставно да споделат што им се случува.
Четири другарки, секоја од нив со своите доблести и недостатоци, нивните стравови и достигнувања, кои ќе нè натераат да сфатиме дека пријателството е една голема љубовна приказна за која навистина треба да се грижиме.
Треба да ризикуваме наместо да се помириме со несреќната ситуација во која живееме
Серијата ја зајакнува идејата дека растот и самооткривањето често се случуваат надвор од нашата комфорна зона.
Стремежот на Валерија кон нејзините соништа и нејзината подготвеност да се движи низ неизвесноста нè инспирираат да го преиспитаме сопственото самозадоволство и да го прифатиме непознатото.
Серијата служи како потсетник дека патот до самоисполнување не е секогаш лесен, но несомнено вреди да се продолжи.
Животот е премногу краток за да живееме со сомнежи, комплекси и несигурности
Кога ќе созреете, знаете дека сите го бараме истото - партнер кој ќе нѐ сака со сите наши недостатоци и некој што ни дава здрава љубов.
Сите имаме некои несигурности, но кога сме со вистинската љубов, сфаќаме дека во реалноста имаме сѐ.
Отворено зборува за сексот
Серијата се осмелува да го третира сексот од женска гледна точка на многу спонтан начин. Особено преку ликот на Лола која чувствува задоволство со мажи или жени, но прикажува и дека никогаш нема да уживаме со некој доколку не научиме да уживами сами со себе.
Исто така, серијата прикажува и дека сексот не е секогаш прекрасен, дека има катастрофален секс, несмасен секс, секс на кој никогаш не би сакале да се сеќаваме и, секако, одличен секс со љубов.
Можеби ќе се пронајдете во приказната на Валерија
Добро, можеби нема да го напишете вашиот прв роман, но можеби се приближувате до 30-тите и почнувате да чувствувате навестувања за егзистенцијална криза.
Можеби работата не ве исполнува, не знаете дали навистина сте со партнерот од љубов или од навика или, пак, живеете во голем град и се мачите да си ги платите киријата и сметките.
Животот на Валерија, Лола, Кармен и Нереа може да биде ваш или на некој од вашите пријатели.
Затоа, оваа серија ја препорачувам бидејќи зборува за вистинските проблеми со кои сите се бориме секојдневно и е полна со лекции кои можат да ни помогнат во некој момент.
Погледнете го трејлерот:
М. Г. | Црнобело