Браво Македон: Малиот генијалец од Тетово освои нов сребрен медал на меѓународен натпревар по математика
- Детали
- среда, 22 февруари 2023
Браво за 8-годишниот генијалец од Тетово. Македон и оваа година успеа да се закити со медал на меѓународниот натпревар по математика „Математика без граници“ и освои сребро.
Нашиот математички генијалец Македон Димитровски (8) продолжува да реди успеси. Тој годинава освои сребрен медал по математика во натпреварот „Математика без граници“.
Гордите родители на нашиот мал математичар ги споделија убавите вести на социјалните мрежи.
Таткото на Македон, Владимир Димитровски, во изјава за CRNOBELO.com вели дека годинава имале потешкотии во пријавувањето на натпреварот, поради промена на организаторот на натпреварот за Македонија.
„Успеавме преку директните контакти со организаторите во Бугарија да ни посочат дека индивидуално едно училиште во Скопје го организира натпреварот и со добра волја на професорката од тоа училиште го примија Македон да се натпреварува“ – раскажува Владимир Димитровски.
Натпреварот „Математика без граници“ се одржа на 13-ти февруари, а учествувале 4.142 учесници од 23 земји.
За потсетување, минатата година Македон на истиот натпревар освои златен медал во зимската сесија, а медалите му беа врачени на последниот училиштен ден од минатата учебна година, кога беше организирана и посебна церемонија.
Македон Димитровски е 8-годишен генијалец од Тетово, кој говори повеќе јазици меѓу кои германски, англиски, кинески и арапски, а решава математички задачи наменети за втора година средно образование.
Тој честопати на социјалните мрежи знае да одржи лекции од разни области што во моментот го интересираат, како историја, географија, астрономија...
Прочитајте и Таткото на 7-годишниот генијалец Македон од Тетово: „Ние не го форсираме детето, тој сам научи да зборува 4 јазици, а математиката му е омилена“
Б. С. Б. | Црнобело