Таткото на 7-годишниот генијалец Македон од Тетово: „Ние не го форсираме детето, тој сам научи да зборува 4 јазици, а математиката му е омилена“
- Детали
- вторник, 10 мај 2022
„Најважно што треба да се нагласи е дека ние не го форсираме детето, тоа нас нѐ форсира“ – вели во изјава за CRNOBELO.com, таткото на 7-годишниот Македон Димитровски, Владимир. Македон има IQ 137, говори повеќе странски јазици, а освoи златен медал на натпревар по математика во кој учествуваа 4.000 учесници од 22 земји.
Македон Димитровски е 7-годишен генијалец од Тетово кој веќе говори повеќе јазици, меѓу кои германски, англиски, кинески и арапски, а решава математички задачи наменети за втора година средно образование.
Македон неодамна освои златен медал на натпреварот „Математика без граници“ во конкуренција на 4.000 други учесници од 22 земји во цел свет, кој што се организира преку менторите во училиштата.
Веста за младиот генијалец вирално се прошири, а таткото на Македон, Владимир, во изјава за CRNOBELO.com вели дека освен што се соочуваат со голем број позитивни коментари, исто така добиваат и негативни критики дека го форсираат непотребно детето.
„Најважно што треба да се нагласи е дека ние не го форсираме детето, тоа нас нѐ форсира. Ние сакаме да излегува и да си игра, но тој сака целосно да биде посветен на науката и на книгите“ – вели Владимир и појаснува дека Македон уште од 2-годишна возраст почнал да ги изненадува со информациите што ги имал, а на таа возраст почнал течно да чита и да пишува.
Родителите се обидуваат максимално да му обезбедат најнормално детство со прошетки, активности и излегувања, но Македон најмногу е заинтересиран за науките.
Македон во фази од четири до пет месеци е заинтересиран за една област и целосно е посветен на неа. Како што вели татко му, желбата на Македон за знаење е толку голема што тој оди и до најситните детали и информации, кои редовно сака да ги споделува и да им ги раскажува на најблиските.
Кинеските броеви до милион ги научил во еден час, и знае како се читаат, пишуваат и изговараат, а истото се случило и откако го пратиле на курс по германски јазик.
Ја усовршил астрономијата до тој степен што знаел сѐ за планетите во Сончевиот систем до најситен детаљ.
„Сѐ уште ја усовршува географијата, но сега почнува да пројавува интерес и за историјата. Тоа оди дотаму што тој раскажува како изгледало знамето на Авганистан пред 100 години и како се менувале знамињата, знае колкава површина зафаќала секоја од државите и иако се обидуваме да го заинтересираме за други работи со прошетки и излегување, тој дури и за време на прошетките ја користи можноста да ни раскаже што сѐ научил“ – раскажува Владимир.
https://www.facebook.com/makedondent/videos/423923906098791
Сепак за Македон математиката е постојан интерес и постојано е заинтересиран за неа, а со оглед на тоа што во второ одделение тој веќе поседува знаење соодветно за втора година средно образование, неговите родители ангажирале професор по математика за да го насочи и да му даде предизвик.
„Најинтересено е што тој работи и учи повеќе работи истовремено. Едно следи на компјутер, друго на таблет, а трето пишува“ – раскажува Владимир.
На 4-годишна возраст родителите го однеле Македон на тестирање во еден центар за психологија, каде немало тест за таа возраст, па малиот генијалец решил тест за возраст од 7 до 14 години и било утврдено дека поседува коефициент на интелигенција IQ 134, а се очекува дека со текот на возраста тој коефициент ќе порасне до 145-150.
Само за споредба, во просек коефициентот на интелигенција кај луѓето се движи од 85 до 115, коефициентот од 120 до 140 се смета за „многу супериорна интелигенција“, а оние со IQ над 140 се генијалци.
Владимир раскажува дека кога го запишувале Македон во училиште, на тестот кај психолог веднаш им било понудено нивниот син да се запише во второ или трето одделение, но тие не прифатиле затоа што сметале дека е најважен емотивниот развој.
Погледнете повеќе фотографии од Македон во продолжение:
Б. С. Б. | Црнобело