Наша медицинска сестра, по првата трансплантација на црн дроб, ја доловува ситуацијата од операционата сала: „По 40 часа неспиење, адреналинот нé одржа на нозе“
- Детали
- понеделник, 28 ноември 2022
„Денот на операцијата ни продолжи во ноќ, ноќта си дочека ден, а ние сè уште работевме како да е само неколку часа. А било многу подолго. За некои беше само обичен „black friday“, а за нас најсветлиот што може. Оние 3 минути клема ме чинат сигурно 3 години од животот. Но вредеше...“, споделува Вики Котевска, која објави и фотографии од операционата сала и историскиот миг на првата трансплантација на црн дроб од починат дарител во Македонија.
На 25.11 е изведена првата трансплантација на црн дроб од починат дарител во Македонија. 60-годишен пациент доби здрав орган од пациентка со мозочна смрт, чие семејство се согласи да ги донира органите.
Дел од овој историски миг и од тимот заслужен за истиот е и медицинската сестра Вики Котевска, која објави емотивен статус за целата ситуација и фотографии од операционата сала.
Нејзината објава гласи:
„И после 24 часа, два три реда за чудото што успеавме да го направиме. Затоа што денот ни продолжи во ноќ, ноќта си дочека ден, а ние сè уште работевме како да е само неколку часа. А било многу подолго.
25.11.2022, еден петок.
За некои беше само обичен „black friday“, а за нас најсветлиот што може.
Еден твит, краток, бидејќи за толку само остана сила вчера:
„Оние 3 минути клема ме чинат сигурно 3 години од животот. Но вредеше.“
После 40 часа неспиење, изморена, исцрпена, ментално и физички скоро убиена, прегорда сум што бев дел од тимот кој многу години се спремаше за денов: Првата трансплантација на црн дроб во земјава. Историја!
Нема мерна единица за количината на среќа која нè преплави сите, која го замени стравот од одговорноста која ја имавме, после толку години чекање, после толку години очекување, после години спремање, после години игнорирање на скептицизам и неверување на голем дел од фелата, години на борба, учења, собирање искуства и мнооогу желба, истрајност, упорност.
И кога во темнината на ноќта се собравме сите повикани и кога пациентот со надеж во очите за живот, спремен да заспие за последен пат, ни кажа:
„Спремен сум, а спремни сте и Вие, со среќа да ни е“.
Кога неколку тима работеа како еден, од болничари за набавка, од сестри со мал милион подготовки коишто може да помогне, од координатори кои ги подготвуваат работите да нема никаков пропуст, од вклучени неколку клиники, постојани информации за наредните чекори, од растреперени срца од одговорноста на секој еден вклучен во процесот, клиники лаборатории и институти, клинички фармацевт, сестри кои водеа грижа секоја минута сè да има навреме, вештите инструментарки кои работеа како едно цела ноќ и во текот на денот, сè до вештите раце на хирурзите и острите умови на анестезиолозите и анестетичарите…
Мали тимови, но големи во храброста и духот… Борба за секоја минутка, борба за секоја клетка, борба за секоја пулсација, сите, горди да помогнат за сето ова да успее.
И бидејќи сите работевме како еден, и секој веруваше на алката до себе во синџирот на учесници, конечно успеавме. Кога фактите говорат и најголемите скептици треба да признаат дека ова е огромен успех. Огромен. Толку долгоочекуван и со толку голем притисок и очекувања од тимовите.
Првата трансплантација на црн дроб во Македонија од починат донор. Успеавме!
Мала беше „сала бр.1“ за набојот на емоции кога почна аплаузот за честитките на секој вклучен во процесот, кога органот почна да работи во новото тело.
Аплауз громогласен до небото, аплауз за секоја капка пот, за секоја солза, за секоја нервоза, за секое трчање, за секое учење, за секоја непроспиена ноќ, за секој сомнеж, за секој грам страв, за секој момент на притисок да дадеме сè од себе. Аплауз на годината, на деценијата, за најупорните, најхрабрите, најиздржливите…