Наша докторка за нејзината борба со ракот на дојка: „Болеста ме научи дека секогаш треба да ги слушаме знаците на телото“
- Детали
- четврток, 13 октомври 2022
„Мене веќе не ме воодушевува ништо материјално, ништо што може да се купи со пари. Потребно е да, но не и доволно. Среќата и љубовта од најблиските е тоа што ме воодушевува. Кога си на хемотерапија, деновите кога се чувствуваш добро се најубави“ – вели нашата докторка Марија Бунда Калпак која веќе една година се бори со рак на дојка, а по повод месецот за подигнување на свесноста за рак на дојка упати моќна порака до сите девојки и жени.
Нашата докторка Марија Бунда Калпак во изминатиот период отворено говореше за сопствената борба со ракот на дојка, а деновиве сподели нови објави на Инстаграм со кои се обидува да ја подигне свеста кај девојките и жените за важноста за самопрегледи.
Таа неодамна објави фотографии на кои е заедно со двете ќерки, а до нив накратко напиша:
„Кога си на третман (хемо), деновите кога се чувствуваш добро се најубави и непроценливи. Колку убавина во овој свет само да уживаме во сега и денес. Тоа е најбитно и најголема среќа.“
Младата докторка на возраст од само 28 години ја добила дијагнозата за рак на дојка и веќе една година редовно споделува објави со коишто сака да ја поткрене свеста за болеста, но и да ги охрабри сите жени што се борат со оваа болест да знаат дека не се сами.
Со насмевка на лицето, храбро, Марија јавно ја војува најтешката битка. Покрај поголемиот број објави на Инстаграм, таа, како жена која се соочува со оваа болест, но и како лекар остави подолга порака до сите девојки и жени по повод месецот за подигнување на свесноста за рак на дојка.
„Октомври е месецот посветен на подигнување на свесноста за рак на дојка.
До сите девојки, жени - еднаш месечно правете си само преглед. Човековото тело е чудо, мислам дека не сме ни свесни колку сме силни и моќни. Ако нешто ова ме научи е дека треба да ги слушаме знаците на телото, пред да биде прекасно.
Да застанеме во тишина и вистина да слушнеме. Животот е многу брз и неосетно секојдневието нè завлекува, исцрпува, изморува. Мора да имаме механизам на справување, на враќање на мирот и среќата. Мислам дека почесто треба да сме сами со себе, во природа, гледајќи го зајдисонцето. а си дадеме време за нас за нас. Вежбајте, правете тоа што ја храни душата, бидете со тие што ги сакате.
Мене веќе не ме воодушевува ништо материјално, ништо што може да се купи со пари. Потребно е да, но не и доволно. Среќата и љубовта од најблиските е тоа што ме воодушевува, откривањето нови места и сонцето, цвеќињата, зеленилото, плавото небо и ѕвездите навечер. Мислам дека има многу работи за кои треба да сме благодарни, нешта што ни се случиле и што допрва ќе ни се случат. Но, најбитно од сѐ e да сме благодарни што сме тука, сега и овде и што ја имаме привилегијата да го живееме овој прекрасен живот“ – напиша таа.
Прочитајте и Наша докторка со емотивна исповед: „Ова е 2 недели по првата хемотерапија, тоа беа најстрашните денови во мојот живот“
Б. С. Б. | Црнобело