Кате од Скопје: „Како баба ми Верка ме инспирираше да станам подобар човек?“
- Детали
- сабота, 15 октомври 2022
„Баба ми Верка... Жената која врзуваше домати со износени хулахопки, правеше ќилимчиња и чанти од пластични ќеси, беше скоро самоодржлива копајќи бавче од среде град. Жената која нема завршено ниту средно образование, но знае да најде чаре за сè што многумина го сметаат како отпад...“, споделува Кате од Скопје, девојка која сака да ја заштити природата и во Македонија да ги донесе промените од светот.
Кате и Сара се две млади ентузијастки кои сакаат промените од светот да ги донесат и во Македонија со цел да ја заштитиме природата, а нивните идеи ги промовираат на Инстаграм профилот „Yes for less“.
Кате е магистер по Енергетска транзиција, додека Сара е магистриран архитект. Двете се родени и израснати во Македонија и имаат живеено во различни држави низ Европа: Италија, Франција, Португалија, Шпанија, Полска...
Моментално Кате живее и работи во Барселона, додека Сара во Париз. Живеејќи на сите овие места виделе како различни европски земји и нивните жители се борат за намалување на негативните ефекти од климатските промени.
Кате на Инстаграм профилот „Yes for less“ откри од каде првенствено ѝ потекнува инспирацијата за заштита на околината:
„Пред некое време една другарка ме праша кога ми се родила желбата да работам во полето на заштита на животната средина, а и да се занимавам со истото како хоби.
Мислев и мислев, и не можев да се сетам на еден конкретен момент кога во мене кликнало нешто и се појавила таа свесност и мотивација.
Како што времето поминуваше, сфатив дека дека тоа е една компилација на случки и пред сè, на инспиративни личности во мојот живот.
Една од тие личности е баба ми Верка. Жената која врзуваше домати со износени хулахопки, правеше ќилимчиња и ташни од пластични ќеси, беше скоро самоодржлива копајќи бавче од ~1 декар на сред град.
Жената која нема завршено ниту средно образование, но знае да најде чаре за сè што многумина го сметаат како отпад и максимално да искористи сè што се купило и што се нашло по дома.
Сите имаме по некој ваков во семејството или нашата околина, зборувајте со нив, прашувајте ги и земајте пример, а тие со радост и гордост ќе ви поприкажат за тоа како се живеело со малку материјални нешта и многу креативност. Да си ми жива бабичке!“
Прочитајте и Браво! Две наши девојки со корисни совети како Македонија да биде поздраво и поубаво место за живот
С. С. | Црнобело