Почина Примириус доктор Тодор Ношпал - човекот со лавовско срце
- Детали
- среда, 03 август 2022
По кратко боледување згасна животот на познатиот македонски ортопедски хирург Примариус Доктор Ношпал.
Беше врвен професионалец, најдобриот во класата, човек за кој не постоеја граници, врвови кои не можат да се освојат.
Пациентите во него препознаваа блискост како кон одличен доктор и пријател на кого можат да му веруваат и да другаруваат.
Беше посебен. Знаеше во се и со секого да внесе емоција, љубов, емпатија. Ја сакаше и целосно и се посвети на медицината, ортопедијата, подготвен да помогне и да ги изврши и најтешките операции со верба и резултат со најголем успех.
Беше редок човек.Имаше став, пофалба и критика, кога е потребно. Беше борец, уметник, писател, поет, раскажувач, вљубеник во природата,животните, ракометот, неговото Скопје, ...Дебар Маало...Македонија.
Доктор Ношпал е роден во Скопје 1962 година. Средното образование го завршува како првенец на генерацијата во Гимназијата Никола Карев.
Веднаш по завршувањето на Медицинскиот Факултет во Скопје, започнува неговата професионална кариера на Клиниката за ортопедски болести, каде останува се до 2012 година, извршувајќи ги најкомплесните операции во областа и достигнувајќи ги највисоките раководни дејности.
Подоцна беше дел од болниците: Свети Лазар, Неуромедика, Санте Плус, Филип Втори, Медика Истамбул - Тетово, Болница ЕВРОИТАЛИЈА. Со години наназат своето знаење го пренесуваше со огромен успех во неговата приватна Ортопедија Ношпал. Беше и официјален доктор на А- Тимот на Македонската кошаркашка репрезентација.
Животот на Тоде, како што најблиските и пријателите го викаа беше авантура, ...една прекрасна приказна, која ќе продолжи да се раскажува и да се создава од почеток... бидејќи за таквите луѓе крајот не постои...