Вирален статус на Драган Спасов Дац: „Скопје мое, те плукаат ли? Но, им кажа ли за плажите на Вардар, за корзото, за Треска?“
- Детали
- вторник, 26 јули 2022
„Скопје, им кажа ли за плажите на Вардар? За корзото на плоштад и за корзото во Ѓорче, за дрворедите, за убавите градби. Дали им кажа за Сарај, за езерото Треска? Им кажа ли за Кензо?“, пишува Драган Спасов Дац.
Силен татнеж и тресење на тлото на земјата ги разбуди скопјани на 26 јули пред 59 години во 5.17 часот. Многумина не се ни разбудија, се сеќаваат старите скопјани со солзи во очите за кобното утро во кое многумина ги изгубија саканите во урнатините, а илјадници останаа без родното огниште.
Градот како да пропадна в земја, само рушевини, прав и страв, многу страв и солзи, лелеци и спиење под отворено небо.
Но, Скопје се издигна како феникс.
Денес (26.07), по тој повод актерот Драган Спасов Дац му посвети емотивна објава на Скопје на својот Фејсбук профил:
И... Скопје мое, како си?
Те закача ли некој?
Да не мочаат по тебе?
Можеби флаат ѓубре кај стигнат...
Те плукаат ли?
Види, ако те плукаат, можеби е против уроци, А?
Ако те мразат, можеби се дојденци... или?
Им кажа ли за плажите на Вардар?
За корзото на плоштад и за корзото во Ѓорче,
за дрворедите, за убавите градби.
Дали им кажа за Сарај, за езерото Треска?
Им кажа ли за Кензо?
Знам дека не се срамиш од опинците
на добродушните луѓе,
од оние кои учат како повеќе се сака...
Како се сакаат липите, тополите, јасените.
Како се сака Водно, Градскиот парк, Школка.
Ги сакаш ли убавите графити?
како оној со калинките, или
оние со бурекот, М?
Ќе видиш, еден ден ќе ни ги кажеш сите
твои болки и радости, преку нас, граѓаните...
Ама треба да се стрпиме за да дојде тој ден.
Знам, ќе дојде, ама кога...
Стварно не знам!
ДСД
С. С. | Црнобело