Хуманиот Филип, пастор од Велес, е позитива на денот – на две момчиња им помогна да им се оствари сонот
- Детали
- четврток, 16 јуни 2022
„Ова се Сафет (9) и Харун (5). Како по обичај, денес повторно поминаа од кај црквата. Знаеш дека доаѓаат уште од километар, оти викаат на цел глас ‘Попеее, тука сиии?’…“, ја почнува својата приказна Филип Иванов, пастор во Евангелската Црква во Велес. Тој им го оствари сонот на Сафет и Харун, но и сонот на сите нас дека постојат вакви луѓе во Македонија.
Филип Иванов од Велес е пастор во Евангелската Црква во Велес, но и прекрасна млада личност со чисто срце која сака да помогне секому.
На својот Фејсбук профил тој објави една прекрасна приказна:
„Ова се Сафет и Харун. Како по обичај, денес повторно поминаа од кај црквата. Знаеш дека доаѓаат уште од километар, оти викаат на цел глас „Попеее, тука сиии?“
Додека си седевме на скалите на црквата да каснеме по една-две банани, видоа една бубамара.
Сафет ја зема и му вика на Харун: „Ај да ја фатиме, да ѝ кажеме по една желба, па да ја пуштиме да ни донесе тоа... Јас сакам точак како на попот, ти?“ Како од пушка, Харун вика: „И јас“.
Во тој момент јас знаев што сака Господ да направам, да ја пуштам „бубамарата“ тука на Фејсбук, па ако некој сака да им ја оствариме желбата - нека ми пише, може да купиме нови, а може и да се најдат користени и здрави.
Сафет е девет години, Харун е пет.
И не, не мора точаците да се баш како тој на попот.“
По овој хуман гест и јавен апел со помош на донации од прекрасни луѓе со големо срце, пасторот Филип успеа да им ја оствари желбата на Сафет и Харун.
Потоа објави на Фејсбук за успешната мисија:
„Еве ги денес Сафет и Харун со нови бајкови (велосипеди), тоа „бубамарата“ чуда направи, радости еден тон!
Ви благодарам на тие што земавте учество во ова нешто, Господ нека направи нивнава радост да биде и ваша засекогаш!“
Среќни сме што имаме луѓе како пасторот Филип, но и како секој еден од тие што донирале за да им го остварат сонот за велосипеди на овие две дечиња.
С. С. | Црнобело