Искрен приказ на мајка од Охрид: Мојата дневна соба за на Инстаграм vs. во реалноста кога имате мало дете
- Детали
- четврток, 09 јуни 2022
„Дневната соба која до пред 2 години често ја гледавте (во совршено издание) на мојов профил, сега изгледа вака. Не се жалам, сладок хаос е ова...“, споделува Елена Алач од Охрид за домот во кој живее со сопругот и ќеркичката Зарина.
Елена Алач, магистер по фармација, живее во прекрасен дом во Охрид во кој доминираат светлите тонови и „направи сам“ проектите.
Таа живее со сопругот и нејзината ќеркичка Зарина, но се шегува дека откако ја има малата Зарина домот не изгледа постојано совршено уреден како порано, туку најчесто има хаос од играчки, кој накусо го средува, но потоа повторно ситуацијата е иста.
Елена сними видео кое ја прикажува реалноста vs. Инстаграм, поточно како изгледа домот кога имате мало дете:
Две реалности во едно видео
„Дневната која до пред 2 години често ја гледавте на мојов профил, сега изгледа вака. Не се жалам, сладок хаос е ова. 10 минути ми се потребни за средување, а Зарина помага скоро секогаш.“
Веруваме дека многу мајки ќе се пронајдат во ова видео.
Таква е реалноста кога имате мали дечиња, зарем не?
Слаткиот хаос во домот на Елена Алач:
Прочитајте уште една емотивна исповед на Елена Алач на тема мајчинство:
„На оваа мајка пред 2 години (пред да стане мајка) ѝ беше чудно како другите мајки толку со восхит зборуваат за некои достигнувања на децата.
Изникнало запче - фешта
Првото ‘мама’ - солзи радосници
Првите чекори - леле какво достигнување, мора со сите да се сподели.
Прв роденден - непотребен кич за ќејф на родителите (детето ништо не разбира)
Нови зборови - ок де, сите ќе зборуваат, no big deal.
Книги за родителство - непотребно губење време зошто ниедно дете не расте по книга.
BLW метод за хранење - помодарство и непотребен неред.
Montessori - тешки глупости.
Оваа мајка сега, со тодлер од година и пол:
Се јави на сите кога изникна првото забче.
Заплака од радост кога првпат слушна ‘мама’. И кога бебе почна да оди.
Цел ден украсуваше колачи за прв роденден во форма на мачиња, и надува 150 балони, за радоста на ќерка ѝ кога ќе ги види. И ѝ надојдоа солзи кога сите во хор ја пееја ‘Happy birthday’
Оваа мајка чита книги за развој на детето и детска психологија, зошто така ѝ е многу полесно да разбере што се случува во тоа мало главче и да се справи со сите предизвици.
Оваа мајка го храни детето по BLW методата зошто сфати дека ќерка ѝ всушност, сака да јаде сама.
Оваа мајка секој ден запишува нови зборчиња.
Оваа мајка скоро цело време применува елементи од Montessori (и без да сака) зошто сфаќа дека детето всушност, цело време, со секоја активност и игра, учи.
Оваа мајка не е ништо поразлична од другите мајки.
Не е најдобрата мајка на светот.
Оваа мајка секојдневно прави грешки и учи од нив.
Таа личност од пред 2 години да знаеше каква ќе биде сега, ќе си се изнасмееше така слатко и ќе си речеше “ма нема шанси”.
Мајчинството те менува, тоа е факт.
Оваа личност сега, е позрела и посвесна отколку таа од пред 2 години. И е горда на тоа!
Прочитајте и На гости кај Елена Алач: Стан во Охрид со светли бои и „направи сам“ проекти (фото)
С. С. | Црнобело