Мери со ново јавување во живо од Украина: „Во близина сме на границата со Романија, на запад ситуацијата е постабилна“
- Детали
- четврток, 24 февруари 2022
„Како одиме кон запад, така ситуацијата е помирна“ – вели Мери Амбросова, македонката која денес заедно со ќеркичката Марта тргна да бега од Украина по инвазијата на Русија врз земјата по копнен, воден и воздушен пат.
Мери во текот на денот споделуваше кратки видеа од патувањето на Инстаграм и во неколку наврати потенцира дека таа и ќеркичката Марта се добро, а дека тргнале да се враќаат во Македонија преку Романија. Попатно морале да застануваат неколку пати да надополнуваат гориво затоа што на бензинските пумпи има ограничувања од максимум 20 литри.
Мери даде ексклузивна изјава за вестите на ТВ Сител каде рече дека се речиси на половина пат до дома, а ги очекува долга ноќ на границата:
„Сега одиме кон романска граница. Има два гранична премини, на едниот ни кажаа дека е гужва па одиме кон другиот. Нема толку голема паника, сè си работи, можеме да плаќаме и со картичка. Утрово беше паника, како сме по на запад така е постабилно. Нема недостаток на храна, полиците редовно се дополнуваат. Украинците навистина се смирен народ, спокоен, така и возат“.
Мери вели дека имало доста гужва на патиштата од луѓето кои масовно се обидуваат да ја напуштат земјата, а сè уште е неизвесно како ќе ја поминат границата, со оглед на тоа што Мери е македонска државјанка, а ќеркичката е украинскa.
„Таа е со украински пасош, но добив насоки од амбасадата во Македонија дека ќе ја пуштат Марта без проблем да влезе во Македонија“ - вели Мери.
Таа вели во текот на изминатите денови дека никој не очекувал дека ќе почне војна и живееле во надеж дека ќе се смири состојбата, а среде ноќ кога почнале нападите веднаш таа и Марта тргнале на пат за Македонија, а сопругот останал во Украина.
Прочитајте и Мајка oд Македонија се враќа од Украина сама со автомобил со ќеркичката: „Сè е блокирано, имам 10 часа возење до граница“
Б. С. Б. | Црнобело