Денес го прославуваме големиот христијански празник Свети Трифун – кои се најинтересните обичаи и верувања?
- Детали
- понеделник, 14 февруари 2022
Македонската православна црква и нејзините верници денес го слават големиот христијански празник – Светиот маченик Трифун. Овој голем црковен празник се празнува и како ден на виното, посветен на маченикот Трифун.
Светиот маченик Трифун е роден во селото Кампсади во Фригија во сиромашно семејство. Како дете чувал гуски и оттогаш имал моќ да лекува болести кај стоката и луѓето и да ги истерува злите духови.
Во тоа време, со Римската империја управувал императорот Гордијан, чија ќерка го изгубила разумот, што многу го растажило нејзиниот татко.
Според народните преданија, никој од лекарите не можел да ѝ помогне. Тогаш проговорил злиот дух од девојката, велејќи дека никој не може да го избрка, освен Трифун.
По многуте исцелители кои биле во царството, Трифун бил поканет во Рим да ја исцели царската ќерка. Царот многупати го дарувал, а Трифун сите подароци им ги поделил на сиромашните.
Кога царот Декиј дошол на власт, свети Трифун бил мачен затоа што го следел Христос и со голема радост ги поднесувал сите маки. Бидејќи ниту едно мачење не му наштетило, мачители му ја отсекле главата со меч.
На овој ден, лозарите излегуваат да искројат барем една лоза и да ја полеат со вино, за грозјето да даде добар плод.
Ако врне дожд на Свети Трифун, годината ќе биде плодна, а доколку времето е ведро, годината ќе биде сушна и неплодна.
Едно од верувањата на народот е дека со овој ден доаѓа пролетта, дека освен природата се буди и највисокото чувство кај луѓето, љубовта.
Свети Трифун го слават и бројни еснафи, лозари, механичари, а страдањата на Свети Трифун се споменуваат и во литургиите.
(О)Милена | Црнобело