Не е Сибир, Патишка Река во Македонија е (фото)
- Детали
- четврток, 20 јануари 2022
Би се осмелиле ли на ваков смел подвиг? Македонка споделува магични фотографии од качување по мраз во планинското село Патишка Река.
Миленка Шаровиќ е планинар-високогорец, но вели дека врвовите кои досега ги има качено не барале некоја посебна техничка спрема и подготовка, но тоа што сега ѝ е предмет на интерес бара да биде комплетна, вклучително и за качување на карпа во различни услови и надморска висина, што подразбира и мраз.
Токму затоа, таа се искачуваше на карпа во Патишка Река, карпа која со мразот изгледа како сцена од Сибир.
Патишка Река e село во oпштина Сопиште, во околината на градот Скопје, сместено на падините на планината Караџица.
За CRNOBELO.com Миленка за ова искуство открива:
„Карпа качувам веќе извесен период,, но ми недостигаше делот со мраз и работа со соодветните алатки. И за среќа – кај нас има и локалитети и услови за качување и луѓе кои се спремни и вешти во тоа, па така веќе во два наврати на мразевите на Патишка Река го практикував качувањето на мраз и ги добив и првите искуства.
Мразот е сосема нова и друга димензија и бара големи познавања и искуство да знаеш да „читаш“ што се случувало и што се случува за да сето биде безбедно и успешно. Тоа е она што допрва треба да го научам, заедно со праксата.
Дали е страшно? Изгледа страшно, но со стекнување на доверба во опремата и благодарение на луѓето околу мене кои несебично го споделуваат искуството и знаењето, сè станува полесно. И понатаму, не е лесно, бара сила, издржливост, техника, но барем знаеш дека си безбеден и во сигурни раце.
Иако по природа сум зимурлива и сакам топло, сега се молам за минусни температури што е можно подолго за сета оваа „магија“ подолго да трае и да имам барем уште неколку тренинзи.“
Фотографии од Миленка на карпа на Патишка Река:
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело