Вандализам и некултура: Три клупи пловат во езерцето во Градскиот парк во Скопје (фото)
- Детали
- вторник, 18 јануари 2022
Сцена од Скопје која ќе ви предизвика разочарување во буквална смисла на зборот... Се споделува вирално и ве тера да се разочарате од тоа со кого „го делите воздухот“.
На Фејсбук профилот на Јавното Претпријатие „Паркови и зеленило“ - Скопје осамнаа фотографии направени во Градскиот парк во Скопје со наслов „Вандализам во градскиот парк“.
И кога ќе ги погледнете фотографиите навистина ќе си речете вандализам во буквална смисла на зборот и ќе се разочарате од тоа со кого „го делите воздухот“.
Крајно безобразно, некултурно, дрско и ужасно однесување на поединци кое доведува до ваков згрозувачки резултат.
Отпадоци на сите страни, искршени клупи и фрлени во езерцето.
Што е тоа што ги тера одредени луѓе да бидат вакви дивјаци? Зарем утре нема повторно да го посетат Градскиот парк и да посакаат да седнат на некоја клупа или да уживаат во глетката?
Зарем немаат основно култура и барем грам грижа за околината и влијанието што ние како луѓе го имаме врз неа?
Јас сум згрозена, а верувам ќе бидете и вие.
Ви ја пренесуваме објавата од Фејсбук на одговорните од ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје:
„Вандализам во Градски парк!
Изминатиот сончев викенд ја зголеми посетеноста во Градскиот парк што придонесе нашите екипи да соберат еден полн камион со отпадоци кои посетителите ги оставија зад себе.
Како ова да не беше доволно, утрово наидовме на три фрлени клупи во езерцето во Првиот дел на паркот по што веднаш ги извадивме , додека во Вториот дел затекнавме превртена мобилна тоалетна кабина.
Упатуваме АПЕЛ до сите граѓани да не фрлаат ѓубре и совесно да ги користат и чуваат парковските елементи при посета на парковите и да се грижат за природата која е од огромно значење за сите нас.“
С. С. | Црнобело