Ново зеленило и дрвореди: Може ли Скопје да биде зелен и чист град?
- Детали
- сабота, 02 октомври 2021
Зеленилото во еден град има исклучително значајна улога во одржување и зголемување на урбаниот биодиверзитет. Покрај тоа што крошните на дрвата претставуваат живеалиште за различни видови на птици, дополнително само едно созреано дрво годишно може да апсорбира 150 килограми јаглерод диоксид, односно да создаде доволно кислород за 10 луѓе. Ова е посебно важно за градови кои се густо населени или загадени и каде просечното ниво на кислород може да биде и до 6% пониско од потребното.
Затоа во градовите во кои има високо ниво на загаденост присуството на зеленило и дрвја може значајно да го подобри квалитетот на воздухот кој го дишеме, правејќи ги и самите градови почисти места за живеење.
Скопје е град кој во минатото имаше многу зеленило. На градскиот плоштад имаше дрва, градот дишеше заедно со крошните на дрворедите. Но последната деценија, како резултат на низа различни околности, Скопје загуби многу од своето зеленило, бројот на дрва се намали и бетонот и мермерот почнаа да владеат.
Во последните неколку години таа слика се менува и тоа е добро. Скопје повторно се збогатува со зелени површини, посебно со голем број на нови дрвореди поставени на најголемиот дел од фрекфентните скопски булевари и улици. Но, се поставува прашањето: Дали Скопје може да биде зелен и чист град?
Интересна споредба е и во височината и просечниот обем на садници. За разлика од 2016, кога просечната височина на садник беше 3.5 метри, садниците засадени во 2020 година во просек се високи 5.5 метри, со значително поголеми крошни чии сенки ќе придонесат за намалување на температурата во жешките месеци и овозможување на попријатни услови за прошетки низ градот.
Дополнително, просечниот обем на садник во 2016 година изнесуваше 12 см. Тоа значи дека биле засадувани млади садници со неоформено стебло и крошна, носејќи голем ризик дека многу од нив нема да успеат да преживеат, што и се случи.
За разлика од тогаш, според последните мерења, просечниот обем на садник во 2020 година е 24 см, односно се засадуваат садници со веќе оформено стебло и речиси комплетно оформена крошна.
Нивните шанси да опстојат се многу поголеми, а дополнително веднаш се постигнува и саканиот позитивен ефект врз природната средина како и здравјето на граѓаните