Мајката на Миа Костова, некогашна балерина со страст за мотори: „На 59 години имам иста килажа како на 18“
- Детали
- четврток, 23 септември 2021
„За мојот изглед е заслужна мајка природа, јас сум против естетски корекции, но вежбам во фитнес центар 6 пати во неделата по 2 ипол часа“, раскажува Оливера Костова, која во октомври ќе наполни 60 години, а на телото има повеќе од 20 тетоважи.
Оливера Костова (59) е инспиративна жена со младешки дух. Мајката на водителката и инфлуенсерка Миа Костова е некогашна балерина, која сега е во пензија, но сè уште држи часови на дечиња во приватно балетско училиште.
Таа отсекогаш имала страст за мотоцикли, веќе 10 години активно вози, а од неодамна се поднови и со мотоцикл од 600 кубика.
За CRNOBELO.com открива која е тајната на нејзиниот младешки изглед:
„Јас сум скромна и ќе кажам дека немам тајна. Не јадам многу и ја имам истата килажа што ја имав на 18 години. Не се негувам ништо посебно, односно не одам ниту на козметичар, ниту на фризер, а за лицето сè уште користам обична бебешка крема. Мојот изглед е дело на мајката природа, но и на тоа што вежбам многу.
Шест пати во неделата одам во фитнес центар и вежбам по 2 ипол часа. Исто така, во текот на летото пливам многу, по 2,3 километри на ден.
Имам младешки дух и секогаш сум полна со енергија, никогаш не ме мрзи ништо, не се трошам, тоа мислам дека ми е генетски, активна сум постојано.
Инаку на телото имам повеќе од 20 тетоважи, а омилена ми е онаа со скорпија на раката.“
На тема хоби, Оливера за CRNOBELO.com вели:
„Зависничка сум од адреналин, обожавам мотоцикли и брзо возење. Исто така, години наназад свирам клавир. Тоа ме опушта и уживам во тоа.“
Оливера е мајка на две ќерки и тоа Миа, родена 1984 година, и помалата Ена, родена 1997 година.
За тоа кој е советот кој најчесто им го дава на ќерките, Оливера вели:
„Не примаат совети, едноставно живеат онака како што сакаат и се во свој филм. Но, мене ми е мило поради тоа, јас навистина не чувствувам потреба да давам совети - сакам да изберат и да растат во животот онака како што тие сакаат.“