ЈУ-носталгија: Првачињата положуваа заклетва и беа дел од Титовите пионери - ја помните ли заклетвата?
- Детали
- среда, 01 септември 2021
Дотерани, насмеани со родителите за раце првачињата тргнуваат во училиште. Некои пак се лути, ненаспани, не сфаќаат што е толку важно и зошто мора баш денес да станат и да одат во училиште.
Првиот училиштен ден на нашите деца буди спомени и кај нас родителите. Некои од нас го почнавме образованието и го завршивме во самостојна Македонија, а голем дел други пак почнаа да се образуваат кога нашата држава беше дел од СФРЈ, па задолжително првачињата положуваа заклетва и беа дел од Титовите пионери.
Фото: Twitter
Сите оние што се родени до 1982-та година положуваа заклетва. Во оваа група спаѓаат родителите што денес имаат 39 или 40 години. Задолжително носеа сина или бела капа, црвена марама – дотерани и со книшката со заклетвата во раце го започнуваа своето образование.
Фото: Twitter
Заклетвата беше првото нешто што првачињата мораше да го научат наизуст, а по пат кој и да те сретнеше те задеваше и те тераше да ја кажеш.
„Денес, кога станувам пионер, давам чесен пионерски збор:
Дека внимателно ќе учам и работам,
ќе ги почитувам родителите и постарите и ќе бидам верен и искрен другар,
кој се држи до дадениот збор.
Дека ќе ја сакам нашата татковина самоуправната Социјалистичка Федеративна Република Југославија,
ќе го чувам братството и единството,
сите нејзини народи и националности и ќе ги ценам сите луѓе во светот кои сакаат слобода и мир!“
Последни првачиња што ја положија оваа заклетва беа првачињата што своето образование го започнаа во далечната 1989-та година, а по ова следеше распад на Федерацијата.
Фото: Facebook
Дотогаш, секое прваче задолжително беше и титов пионер и беше дел од Сојузот на младината на Југославија. По наполнувањето 18 години постоеше можност да се зачлените во Сојузот на Комунисти, што не беше задолжително.
Настрана од политичките случувања, голем дел од нас помнат како изгледаше да се биде прваче во ова време. Колку од вас што биле титови пионери, сè уште ја помнат заклетвата?
Б. С. Б. | Црнобело