Првиот висечки мост во Скопје ќе поврзува повеќе градски општини
- Детали
- четврток, 26 август 2021
Скопје, 26.08.2021 година - Изградбата на новиот висечки мост на улицата Љубљанска во скопската општина Карпош е во тек.
Увид во градежните работи на овој значаен инфраструктурен објект денеска извршија градоначалникот Петре Шилегов, премиерот Зоран Заев, вицепремиерите, Артан Груби и Фатмир Битиќи, градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев и претставници на ТАВ.
- На мое огромно задоволство, за само четири години во Скопје почнуваме да градиме втор мост. Првиот се гради меѓу општините Аеродром и Гази баба, а сега градиме овде, во Карпош. Овој мост значи спојување на градот, спојување и комуникација на луѓето, мост кој што е од многу важно значење за понатамошниот развој на градот зашто во оваа фаза од Илинденска се спојуваме на улицата Скупи, а во следната фаза продолжуваме до булеварот Словенија, за да можат граѓаните од Ѓорче Петров, од Волково и од Ново село да бидат блиску до останатиот дел од градот.
Со овој мост карпошани ги поврзуваме со обиколницата, имајќи предвид каква инфраструктура гради Градот на потегот кај Момин поток. Овој мост немаше да го реализираме ако ја немавме несебичната помош и поддршка од Владата на Република Северна Македонија која со прераспределбата на средствата на ТАВ за изградба на карго аеродромот во Штип додели околу 380 милиони денари на Град Скопје за изведба на овој мост – прв висечки мост, архитектонско чудо кое што има претензија да стане ново обележје на нашиот град – рече денеска градоначалникот Шилегов.
Тој најави дека изградбата на мостот ќе заврши за околу 18 месеци, на средината на 2023 година, кога ќе може да се користи овој мост.
- Посветено работевме, посветено работиме, посветено ќе работиме на вистинските приоритети на нашите граѓани, на вистинските приоритети на Скопје – нагласи Шилегов.
Со изградбата на новиот мост преку реката Вардар ќе се поврзат улицата Љубљанска и булеварот Илинден со улицата Скупи во општината Карпош. Овој прв висечки мост во Скопје е предвидено да има 4 коловозни ленти и пешачки и велосипедски патеки од двете страни на коловозот. Вкупната должина на сообраќајницата изнесува 940 метри, а должината на самиот мост изнесува 113 метри. Вредноста на овој договор изнесува 382,5 милиони денари со вклучен ДДВ.
По поврзувањето со улицата Скупи се создаваат услови да се започне и третата фаза која од улицата Скупи продолжува до булеварот Словенија. На тој начин се прави поврзување и со индустриската зона Визбегово и со патот за Косово.
Непреченото одвивање на сообраќајот и намалувањето на сообраќајниот метеж остануваат приоритет на Градот Скопје кој посветено работи на одржливата урбана мобилност.
- Наместо фасадни улици од гипс картон, Скопје го добива она што е првенствен интерес на граѓаните, како што е патна инфраструктура каква што му треба и каква што заслужува една современа метропола. Денеска сме тука за да посакаме успешна реализација на мостот „Љубљанска“, мост кој е исклучителна потреба на граѓаните на Скопје и кој ќе поврзе два дела од градот во кои постои огромна динамика.
Ова е уште една прилика да им се заблагодарам на менаџерскиот тим на ТАВ за разбирањето и за ефикасното управување со финансискиот пакет вреден 49,7 милиони евра, со кој преку соработка меѓу Владата, ТАВ и општините се реализираат вкупно 94 инфраструктурни проекти, вклучувајќи ја и реконструкцијата на терминалите на аеродромите во Скопје и Охрид – рече во своето обраќање пред присутните премиерот Заев.