Скопје покажа колку е важно да се одржува физичкото и менталното здравје - заврши проектот „Скопје вежба“
- Детали
- недела, 15 август 2021
Скопје, 15.08.2021 година - Огромен интерес кај граѓаните побуди проектот „Скопје вежба“ кој во изминативе три месеци го реализира Град Скопје во соработка со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.
Во текот на 44 дена, дури 3.000 граѓани од различни возрасти ја искористија можноста бесплатно да вежбаат и да се рекреираат на отворено со тим од стручни лица од Факултетот за физичко образование. Се вежбаше гимнастика, аеробик, пилатес, бокс, моторика, јога, голф и фудбал, на 6 локации, под будното око на 20 професори и соработници.
Проектот „Скопје вежба“ кој почна на 17 мај имаше цел да им помогне на граѓаните да го подобрат своето здравје и да ја одржат физичката форма. Вежбите се одржуваа секој работен ден, по 18 или 19 часот, на две локации во Градскиот парк; паркот кај „Три Бисери“ во Аеродром; паркот во Ѓорче Петров; кај Веро Тафталиџе во Карпош и паркот во Чаир. Неделно се организираа по 33 спортски активности.
За дневниот распоред на вежби во текот на месеците мај, јуни и јули граѓаните се информираа на Интернет страницата на Град Скопје www.skopje.gov.mk, како и преку социјалните мрежи на Град Скопје.
Значајно е да се нагласи дека при изведување на вежбите се почитуваа сите препораки на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести за заштита од Ковид 19.
Градот Скопје финансиски го поддржа овој спортско рекреативен и забавен проект со 500.000 денари.