Повеќе одлуки за меѓуопштинска соработка и програми за работа на денешната седница на Советот на Град Скопје
- Детали
- понеделник, 12 јули 2021
Скопје, 12.07.2021 година - Поголем број одлуки за воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и скопските општини за реализација на инфраструктурни проекти се главните точки на денешната 74-та седница на Советот на Град Скопје.
Со првата точка се предвидува меѓуопштинска соработка со Општина Аеродром за изградба на 5 улици во оваа општина, за чија реализација се потребни 83 милиони денари, а Град Скопје ќе учествува со финансиски средства во износ од 16.6 милиони денари. Со втората точка, се предвидува меѓуопштинска соработка со Општина Шуто Оризари за реконструкција на улица Гвадалахара, на потег од улица Боца Иванова до џамијата во должина од 900 метри. Во реализацијата на овој проект Град Скопје ќе учествува со финансиски средства во износ од 3.5 милиони денари.
Советот на Град Скопје ќе расправа и за Предлог-Одлуката за давање донација на ДТЦ Мавровка, со која Град Скопје ќе го донира проектот и изведбата на новиот зелен покрив што ќе се прави на ДТЦ Мавровка. Донацијата се состои од реконструкција- изведба на зелен покрив, со фази во кои ќе бидат опфатени архитектурата и хортикултурата, како и електротехниката, а вредноста на истата се проценува на околу 45 милиони денари со вклучен ДДВ.
Во насока на зголемување на заштитата на локалитетот Парк - шума Гази Баба, Советот на Град Скопје ќе расправа за Предлог-Одлуката за отпочнување на постапка за експропријација на недвижност во подрачјето на локалитетот Парк - шума Гази Баба. Со истата се предвидува отпочнува постапка за експропријација на 5 катастарски парцели кои се наоѓаат во подрачјето на локалитетот „Парк - шума Гази Баба", со вкупна површина од 8.492 м2 и проценета вредност од 50.952.000 денари.
Покрај овие, Советот на град Скопје на седницата ќе расправа за поголем број Програми за работа на Градот и јавните претпријатија, како и за неколку одлуки за субвенции за јавните градски претпријатија.