Македонски музички ѕвезди чии хитови уште се пеат, а се повлекоа од сцената и водат приватен живот
- Детали
- сабота, 10 јули 2021
Постојат поголем број македонски музички ѕвезди што со години се на сцената, но и такви што направија хитови, а потоа од различни причини одлучија да си заминат од музичката сцена.
Некои од нив успеваа долго време да блескаат на музичкото небо во нашава земја, да направат поголем број хитови, а некои направија по неколку песни и ги снема.
Голем дел од нив денес се во целост повлечени од јавноста и ја чуваат сопствената приватност, ретко или воопшто и не сакаат да говорат за тоа што прават сега.
Во продолжение неколку познати македонски пејачи што беа популарни своевремено и што се повлекоа од сцената, а хитовите уште им ги слушаме:
Ламбе Алабаковски
Една од најголемите ѕвезди кај нас што одлучи во целост да ја напушти музичката кариера е Ламбе Алабаковски. Се одлучи да си замине од Македонија и живее во САД со семејството, а неговите профили на социјалните мрежи се приватни.
Во продолжение да се потсетиме на неговата последна песна „Ти само кажи“ што тој ја сними во 2015-тата година.
Раде Врчаковски - Врчак
Еден од најпознатите македонски пејачи во последните две децении. Направи голем број хитови, сам, но и во соработка со други македонски ѕвезди. Тој настапуваше и на изборот за песна на Евровизија во 2008-ма година, кога заедно со Тамара Тодевска и Адријан Гаџа ја испеаја песната Let me love you, зад чиј текст и музика стоеше пак Врчак.
Раде Врчаковски - Врчак покрај тоа што е познат композитор, текстописец и изведувач, тој студираше и медицина.
По последната изведба на Евровизија целосно се повлече од јавноста.
Да се потсетиме на нивниот евровизиски настап:
Александра Пилева
Александра Пилева, девојката со моќен, ангелски глас по потекло од Неготино, беше актуелна на македонската музичка сцена и остави зад себе поголем број хитови.
Таа во 2013 година ја напушти Македонија и со своето семејство се пресели во САД.
Таа е мајка на Лука, а нејзиниот сопруг е поранешниот тренер на женската одбојкарска репрезентација, Зоран Чадиев. Таа е достапна на Инстаграм каде поретко објавува фотографии од некои настапи во САД или семејни фотографии.
Како што може да забележиме, во моментов работи како агент за недвижности, но и настапува на некои манифестации таму.
Да се потсетиме на песната „Не“ што беше еден од нејзините најголеми хитови, а е напишана од Калиопи:
Зоран Стаменковски
Некогаш беше член на групата „Магија“ и на почетокот на 2000-тите години беа мошне популарни со песните што се карактеризираа со брзиот и динамичен ритам и секако нивните единствени кореографии.
По распаѓањето на „Магија“, Зоран Стаменковски се обиде да започне соло-кариера, па во 2006-тата настапи со песната „Сè на свое место“. Иако по ова не направи ниту еден нов хит, сепак оваа песна ќе остане меѓу македонските евергрини.
Сашо Спасовски
Песните на Сашо Спасовски беа вистински хитови на почетокот на 2000-тите години. Зад себе остави повеќе хитови меѓу кои: „Пијан и млад“, „Животе сладок си“, „Не ги гаси свеќите“, а потоа буквално го снема од музичката сцена како пејач.
За него тешко може денес да се најдат информации во медиумите, а откако го контактиравме, самиот рече дека не дава интервјуа и дека сè што се пишува за него не е вистина.
Да се присетиме на песната „Пијан и млад“ по која ќе остане запаметен:
Дејан Даскалов – Даскал
Уште една музичка ѕвезда што беше мошне популарна пред едно 20-тина години е Дејан Даскалов – Даскал. Зад себе остави повеќе хитови, а потоа целосно се повлече од музичката сцена.
Тој денес е активен на социјалните мрежи, а неговите профили се во целост приватни.
Да се потсетиме на неговиот огромен хит „Далеку некаде“.
Ерзана
Eрзана ја помниме по нејзиниот хит „Ноќна Кралица“ со којшто настапи на Макфест во 1998 година.
Таа ја напушти Македонија и во моментов живее во Хартфорд, Конетикат, заедно со нејзиниот сопруг Аријан Превала.
Ерзана исто така има свој Инстаграм профил, но тој е приватен и нејзините фотографии не се достапни за јавноста.
Да се потсетиме на нејзиниот најголем хит:
https://www.youtube.com/watch?v=bcd9hiaNbFU
Б. С. Б. | Црнобело