Град Скопје додели награди на најуспешните од регионалните средношколски натпревари
- Детали
- петок, 25 јуни 2021
Скопје,25.06.2021 - Во Градскиот парк на Школка, Градоначалникот Шилегов денеска им додели решенија за парично наградување и благодарници на највисоко рангираните ученици и на нивните ментори, како и благодарници за здруженијата, сојузите, друштвата, асоцијациите за успешно реализирани скопски регионални натпревари.
- Денеска ги наградуваме регионалните скопски шампиони, сакам да ја искажам мојата благодарност до менторите, до акредитираните здруженија и до вас учениците што партиципирате во оваа успешна приказна. Вашата сила ученици најмногу лежи во вашето знаење и во вашето познавање. Продолжете по тој пат, затоа што само човек со високи познавања, само човек со високи дострели и цели во животот е човек кој е самостоен и ќе може да се справува со предизвиците во животот, а верувајте дека учењето е еден од најлесните предизвици со кои ќе се соочите во животот – истакна Шилегов.
Традиционалниот проект „Училиштето – место за натпревар во знаење“ е дел од Програмата за активностите на Град Скопје од областа на средното образование во 2021 година. Соработката со здруженијата е остварена преку потпишување на Меморандуми за соработка помеѓу Град Скопје и секое здружение поединечно.
Поддршката е наменета за учениците, средните училишта на подрачјето на Град Скопје и здруженијата кои се учесници на натпреварите на локално ниво за повеќе наставни предмети, а со цел поттикнување на натпреварувачкиот дух и продлабочување на знаењата на учениците во различни области преку нивна промоција и наградување,
Оваа година согласно актулента состојба и согласно сите пропишани протоколи, се реализираа 7 скопски регионални натпревари по: математика, географија, информатика, биологија, француски јазик и англиски јазик.
На доделувањето на наградите на највисоко рангираните ученици и на нивните ментори, како и благодарници за здруженијата, сојузите, друштвата, асоцијациите за успешно реализирани скопски регионални натпревари присуствуваше и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.