Почна да се гради булеварот до Драчево
- Детали
- вторник, 22 јуни 2021
Скопје, 22.06.2021 година - Градот Скопје денеска го почна проширувањето и реконструкцијата на булеварот Борис Трајковски, на потегот од крстосницата во Пинтија до мостот на Маркова река пред Драчево.
На овој потег со вкупна должина од 2.325 метри ќе се изврши целосна замена на стариот асфалт со нов, проширување од две на четири коловозни ленти, изградба на пешачки патеки од двете страни на булеварот и велосипедска патека од едната страна. Kрстосницата пред мостот кај Драчево ќе биде заменета со кружен тек со дијаметар од 20 метри.
- Овој булевар е една од артериите во нашиот град, кон него гравитираат педесетина илјади жители и поради тоа сметам дека со изработката на оваа делница и тоа како ќе го олесниме и осовремениме животот во овој дел од градот. Дополнително, на булеварот Борис Трајковски, на делот што сега го работиме, ќе биде поставена нова канализациска мрежа – и атмосферска и фекална. Изградбата планираме да трае неполни две години, бидејќи овде имаме и експропријација и отстранување на оградите. Градежните работи ќе чинат 212 милиони денари без ДДВ, средства кои се предвидени во Буџетот на Градот Скопје - рече градоначалникот Петре Шилегов, на почетокот на градежните работи на овој значаен булевар.
Тој додаде дека во текот на оваа градежна сезона ќе се градат или реконструираат 11 градски сообраќајници, во неколку скопски општини.
- Ова всушност е почеток на летната градежна офанзива на Град Скопје, па ги замолувам граѓаните да имаат трпение додека се вршат реконструкциите. Ќе бидеме брзи како и секоја година, што всушност стана препознатливост на оваа градска администрација и моја, како градоначалник. Да ги почитуваме сообраќајните режими бидејќи новата и квалитетна инфраструктура е гаранција дека Скопје чекор по чекор станува една поинаква приказна, дека Скопје чекор по чекор заличува на европска метропола – нагласи Шилегов.
На почетокот на градежните работи за проширување и реконструкција на булеварот Борис Трајковски, на потегот од крстосницата во Пинтија до мостот на Маркова река пред Драчево, присуствуваше и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.