Скопје доби ново одбојкарско игралиште во Аеродром
- Детали
- понеделник, 14 јуни 2021
Скопје, 14.06.2021 година - Градоначалникот Шилегов го пушти во употреба новото одбојкарско игралиште на песок на кејот на Вардар кај мостот Близнак во Аеродром.
- Во изградбата на ова игралиште се вложени околу 3 милиони денари од Буџетот на Град Скопје, а истото беше изведено во рекордно краток рок со цел пред почетокот на летото да може игралиштето да биде ставено целосно во функција на граѓаните. Со договор за меѓуопштинска соработка игралиштето го изградија ЈП Улици и Патишта и Општина Аеродром, а по пуштањето во употреба Град Скопје целосно ќе и го предаде игралиштето на Општина Аеродром- изјави Шилегов.
Игралиштето е со должина од 25 метри и ширина од 16 метри и ги исполнува сите неопходни стандарди на домашно и меѓународно ниво. Исто вакво игралиште има на кејот кај Градскиот парк и искуството оттаму говори дека особено во летните месеци интересот за користење на игралиштето од граѓаните е огромен.Сите заинтересирани граѓани, спортисти, ученици и студенти новото одбојкарско игралиште ќе можат целосно слободно да го користат за спорт, рекреација и забава.
- Град Скопје во континуитет вложува во уредувањето на јавниот простор со цел граѓаните да имаат пристојни услови за спорт и рекреација согласно со нивните потреби. Продолжуваме во таа насока следејќи ги потребите на нашите сограѓани кои со своите предлози и сугестии често ни помагаат во одредувањето на приоритетите кога е во прашање уредувањето на јавниот простор- рече Шилегов.
Тој додаде дека Скопје заслужува повеќе простори што ќе им овозможат услови за здрав живот на скопјани и затоа Градот и во иднина ќе настојува заедно со скопските општини да изгради што е можно повеќе игралишта за различни урбани спортови согласно со просторните услови и барањата на локалното население.