Македонскиот јутубер Стефонатор (23) со солзи во очи: „Го победив туморот - уште не ми е реално, изгледа конечно заврши овој хорор“
- Детали
- понеделник, 07 јуни 2021
„Знам дека треба во моментов многу да славам и треба многу да се радувам и се радувам, ова се солзи радосници. Уште не ми е реално...“ – младиот македонски јутјубер Стефонатор со солзи во очите објави дека го победи туморот на тестисите.
Стефан од Скопје, познат како Стефонатор (23) e еден од нашите најуспешни јутубери, a ја водеше најтешката животна битка. Тој претходно преку емотивни исповеди објавуваше детали од самата дијагноза и за терапијата.
Во првото видео кога објави за дијагнозата, тој кажа дека нема друг избор освен да биде храбар и да го изоди патот насмеан, без разлика што на моменти ќе има и солзи и револт кон животот зошто се случи тоа што се случи, а сега може да се каже дека неговите зборови се остварија.
Како што посочува во најновото видео, по двете извршени операции биле направени првични испитувања што покажале дека нема никакви туморски клетки.
Овој наод бил направен, како што вели, пред две до три недели, но чекал да се направи уште едно испитување за да ги сподели информациите на неговиот YouTube канал:
„Чекав да направам уште едно финално испитување како некоја најрелевантна снимка да ми покажат до каде е работата и дали навистина може да седнам и да го снимам ова видео. Тоа го правев претходниот петок и имав резултати завчера што ми кажаа дека сум излечен.
Знам дека треба во моментов многу да славам и треба многу да се радувам и се радувам, ова се солзи радосници. Јас многу споро и тешко процесирам ствари и секогаш ми треба да помине одреден период за да „соџвакам“ и во моментов сè уште соџвакувам и не ми е сè уште сè скроз реално, не ми звучи реално, но изгледа конечно заврши овој хорор и се чувствувам како сега во моментов да ми почнува некој втор живот“ – вели тој во делови од видеото.
Во продолжение погледнете го видеото во целост:
Б. С. Б. | Црнобело