Во вторник повик за субвенции за чистење оџаци – аплицирајте онлајн
- Детали
- недела, 18 април 2021
Градот Скопје во вторник (20.04.2021 година) ќе објави Јавен повик за субвенционирање на домаќинства и на други субјекти на подрачјето на Град Скопје за чистење оџаци за 2021 година. Новитет на овој повик е можноста граѓаните да аплицират онлајн.
Со овој повик, Градот Скопје ќе надомести дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците, во нето износ најмногу до 1.200 денари, а на јавниот повик можат да учествуваат физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје.
Субвенциите ќе важат и за исчистени оџаци од 01.01.2021 година, а јавниот повик кој ќе се реализира по принципот„прв дојден прв услужен“ ќе биде отворен до 30.11.2021 година или до реализирање на средствата во износ од 1 милиони денари предвидени за оваа намена со Буџетот на Град Скопје за 2021 година.
Чистењето на оџаците придонесува за намалување на аерозагадувањето во текот на грејната сезона. Познато е дека опасноста од запуштени и неисчистени оџаци е голема. Не само што загадувањето и емисијата на ПМ 10 честички е голема, туку се загрозува и безбедноста на корисниците ако не се спроведува редовно чистењето. Препорачливо е оџаците да се чистат 3 пати годишно, двапати во текот на грејната сезона и еднаш кога е таа завршена.
За потсетување, Град Скопје оваа мерка ја реализираше и во 2018, 2019 и 2020 година, кога беа доделени околу 1000 субвенции.