Венко Филипче: „Викендов останува полициски час од 22 часот, за други рестриктивни мерки ќе се разговара наредната недела“
- Детали
- среда, 17 март 2021
Министерот за здравство д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција информираше за состојбата со ковид кризата.
„Евидентно е дека се наоѓаме во екот на 3-тиот бран од почетокот на пандемијата и имаме постојан раст на бројот на активните случаи.
Бележиме раст од нешто повеќе од 5.000 случаи во последниот месец.
Состојбата во болниците говори дека имаме 1.100 пополнети болнички места и притисокот во изминатите денови посебно во Скопје беше навистина голем и правевме систем на менаџирање со сите директори на болниците и прилагодување на капацитетите и отворање на нови.
Засега имаме сосема доволен број на болнички капацитети за сместување на пациентите. Сите КОВИД центри се во функција, некаде се користат, некаде сѐ уште не.
Утрово имавме координација со членовите на Комисијата за заразни болести и рестрикцијата за забрана на движење после 22 часот нема да се дополнува, чекаме резултати од тоа како ќе делува.
Евентуално ако треба дополнителни рестрикции ќе биде одлучено на состанокот кој ќе се одржи на почетокот од наредната недела.“