Исповед на Македонка: „Секој сантиметар разлабавена кожа, секоја болкa во колковите вреди за да се стане мајка“
- Детали
- недела, 07 март 2021
„Кој и да рекол дека бременоста ќе го уништи вашето тело, не е во право. Како може создавањето живот да го направи вашето тело нешто друго освен неверојатно?“, вели Светлана Петровска.
Кога мислиме на фит Македонки, Светлана Петровска, сопругата на бодибилдерот Мирко Петровски дефинитивно е една од нив. Двајцата долги години работат како персонални тренери, а нивните успеси се добропознати.
Сега, Мирко на својот Инстаграм профил сподели фотографии од трансформацијата на Светлана пред, за време на и по бременоста и во описот го наведе нејзиниот став за мајчинството и за тоа колку и дали телото на жената трпи притоа.
„Денеска со вас ја споделуваме трансформацијата на Светлана - пред, за време и по бременоста“, напиша Мирко.
„Времето лета. Многу сакав да станам мајка.
Дали ќе бидам добра мајка, дали сум подготвена, како тоа ќе влијае на мојот брак, моето тело и личниот живот? Имаше толку многу прашања..
Но, сега не можам да го замислам животот без Јован. Да се стане родител е апсолутна чест и благослов. Не знаев дека малото бебе во мојот стомак ќе ме натера да растам на начини на кои не можев да замислам и да го сменам мојот живот на уште подобро.
Секој сантиметар разлабавена кожа.
Секоја секунда од болки во колковите, колената и грбот како резултат на тело кое се менува и прилагодува.
Секоја солза.
Секоја капка пот.
Секоја капка крв.
Вредише сето тоа.
Кој и да рекол дека бременоста ќе го уништи вашето тело, не е во право.
Како може создавањето живот да го направи вашето тело нешто друго освен неверојатно?", вели Светлана.
Инстаграм објавата за трансформацијата:
Како изгледа по бременоста оваа фит Македонка:
С. С. | Црнобело