На 82-годишна бабичка од Скопје ѝ бил украден паричникот во маркет - чесен пронаоѓач ѝ го вратил
- Детали
- среда, 24 февруари 2021
За жал, како во светот, така и кај нас се случуваат немили настани секојдневно, но кога на крајот ќе се разрешат со помош на добри луѓе тогаш срцето ни се полни. 82-годишна бабичка од Скопје го изгуби паричникот, но разрешницата ја топли душата.
Музичарката Андријана Јаневска на својот Фејсбук профил го раскажа немилиот настан кој ѝ се случил на нејзината свекрва.
Паричникот на 82-годишната жена ѝ бил украден во маркет во Скопје, но за среќа се јавил чесен пронаоѓач кој ѝ го вратил.
Статусот на Андријана:
„Денес нешто пред 10 часот на мојата 82 годишна свекрва Радмила Гиновска ѝ го снемува паричникот во супермаркет во Буњаковец. Веднаш се јавив во банка да ја блокираат картичката, но сепак, би било најдобро доколку некој од вработените во маркетот во Буњаковец или некој чесен граѓанин го пронајде паричникот да ме исконтактира во порака или на телефон.
Свекрва ми била облечена во виолетова јакна, а паричникот бил ставен во црна платнена торбичка. Секој совет е добредојден.
Јавување во полиција не е некоја опција бидејќи лани кога на татко ми му го украдоа паричникот во ЈСП и покрај сите документи кои ни ги побараа, ништо не се направи и човекот си остана без две пензии. Ви благодарам на сите.“
Извесен период подоцна Андријана се огласи повторно:
„Сè уште постојат чесни и добри луѓе. Еден од нив е Христо Христов, кој го пронашол паричникот на свекрва ми и го однел во банка. Од срце Ви благодарам за вашата добрина.
Паричникот ѝ бил украден непосредно откако излегла од маркетот. Свекрва ми има 82 години и иако е витална, не почувствувала кога ѝ бил украден. Крадецот земал 1.000 денари во кеш (толку имала), пробал да извади пари од банкомат, но за среќа картичката ја блокиравме уште веднаш бидејќи свекрва ми ми се јави во рок од 5 минути. Забележала дека нема паричник кога сакала да се качи во автобус.
За среќа, крадецот не можел ништо да земе освен тие 1.000 денари, па го фрлил паричникот. Уште еднаш голема благодарност до Христо и до сите кои дадовте совети и помогнавте.“
С. С. | Црнобело / фото: depositphotos.com