Се слави Свети Архиѓакон Стефан - Првата куќна слава по Божиќ
- Детали
- вторник, 09 јануари 2024
Денес се слави првиот христов маченик, кој го дал животот и бил погубен со мачење додека се борел за вистината на Исус Христос. Третиот ден на Божиќ е посветен на Светиот Архиѓакон Стефан. Воедно ова е денот кога се слави првата слава по Божиќ.
Третиот ден на Божиќ (09.01) е посветен на Светиот Архиѓакон Стефан, а во многу семејства и домови се слави како куќна слава. Денес именден слават сите што го носат името Стефан, Стево, Стефанија...
Светиот Архиѓакон Стефан бил роднина на апостол Павле. Бил првиот меѓу седумте ѓакони коишто светите апостоли ги поставиле во служба на сиромасите во Ерусалим, па затоа и го нарекуваат Архиѓакон.
Со силата на својата вера вршел големи чуда меѓу луѓето, а злобните Евреи се препирале со него, но секогаш биле победувани од него.
Бил обвинет со лажни сведоци дека вршел богохулие, но кога застанал пред народот сите виделе дека неговото лице е како на ангел, со благодатна светлина, исто како што некогаш бил Мојсеј кога зборувал со Бога.
Светиот Архиѓакон за убијците на Христа рекол дека се предавници и крвници, по што бил изведен од градот и каменуван до смрт.
Меѓу мачителите бил и неговиот роднина Савле, кој подоцна станал Апостол Павле.
Се смета дека Свети Стефан бил првиот маченик кој се борел за вистината на Исус Христос, а неговото измачување го гледала и Пресвета Богородица со Свети Јован Богослов.
Б. С. Б. | Црнобело/ фото: freepik.com