Млади планинари снимија мечка на Шар Планина: „Беше на 200m од нас, тоа ни е највозбудлив момент“ (видео)
- Детали
- петок, 29 јануари 2021
Млади планинари кои го водат профилот @timelessviews.mk успеаја да уловат на камера несекојдневна глетка – мечка која трча над Попова Шапка, а за CRNOBELO.com велат дека тоа е еден од највозбудливите моменти во нивниот живот.
Природата во Македонија нуди неверојатни искуства за оние кои ќе одлучат да ги напуштат домовите и да ги истражуваат убавините на нашата земја.
Неретко по планините може да се забележи и животинскиот свет, а на Шар Планина деновиве беше „уловена“ мечка која трча по планината, над Попова Шапка.
Видеото заедно со фотографиите од мечката беа објавени на Инстаграм профилот кој го водат 4 момци, кои сакаат да искачуваат планини и да споделуваат фотки од погледи кои мора да се доживеат. Екипата е составена од Џоле (фотограф), Џоџо (GoPro снимател), Борис (хајкер) и Алекс (уредник).
Ги контактиравме да ни кажат нешто повеќе за искуството:
„Планот ни беше да направиме тура од Попова Шапка до врвот антени. На само 20 минути од кога тргнавме на околу 200 метри пред нас се појави мечка.
На почеток не знаевме како да изреагираме ни беше чудно и малце страв. Имавме две опции или да се повлечеме или да направиме фотографии, но размисливме разумно дека вистинскиот избор е да пробаме да ја фатиме на видео.
За среќа тоа ни успеа и доживеавме еден од највозбудливите моменти во нашиот живот.“ – изјавија за CRNOBELO.com од timelessviews.mk.
М. М. | Црнобело / фото: timelessviews.mk