Комерцијална банка донираше лаптопи на ученици од 14 општини
- Детали
- вторник, 24 ноември 2020
Комерцијална банка оваа година одлучи наместо за репрезентативен материјал по повод Новогодишните празници да одвои средства за донација на лаптопи на ученици. Со тоа, Банката, како општествено одговорна компанија, во услови на глобална пандемија го даде својот придонес и за обезбедување достапно и квалитетно образование на деца кои досега немаа таква можност.
Скопје, Комерцијална банка АД Скопје, 24.11.2020 година – Лекциите, наставниците и другарчињата сега се достапни за 46 ученици на кои Комерцијална банка АД Скопје им донираше лаптоп со цел да им овозможи да ја следат наставата он-лајн. На талентираните и желни за учење дечиња од основни и средни училишта од 14 општини во земјава им беа предадени лаптопите од страна на вработени во Банката со желба да имаат успех во учењето во овие вонредни услови и да останат посветени на своето образование и понатаму во животот.
Ова не е првпат Комерцијална банка да го поддржува образовниот процес во земјава. Досега се донирани стотици компјутери за потребите на повеќе училишта. Банката редовно е посетувана од ученици, кои од нашите вработени учат за парите, нивното одговорно трошење и штедење. Комерцијална банка е партнер на повеќе образовни институции во овозможувањето пракса за ученици и студенти, со цел и практично да им го доближи финансиското работење.
„Финансиската училница“ на Комерцијална банка, пак, за една година реализираше предавања на 520 деца во 11 средни и три основни училишта, на кои им пренесе финансиско знаење и информации за тоа како правилно да ги користат финансиските производи.
Банката останува посветена на својата мисија за помагање и унапредување на образовниот процес бидејќи децата се носителите на идниот развој во државата.