Илијевски од асоцијација на обложувалници: И покрај затворањето со мерките на Владата, индустријата не отпушти ниту еден вработен
- Детали
- петок, 09 октомври 2020
Спортските обложувалници беа во првите деловни субјекти опфатени со рестриктивните мерки на владата предизвикани од Ковид кризата.
Во интервју за Фактор, претседателот на Асоцијацијата на спортски обложувалници, Васко Илијевски говори за предизвиците со кои се соочува индустријата, акцентирајќи го фактот дека и покрај големите загуби, не е отпуштен ниту еден вработен.
„Бевме затворени од 14 март до 13 мај, кога владата донесе одлука за повторно отворање на уплатно-исплатните места на приредувачите на игри на среќа во обложувалница, со посебно утврдени протоколи за работа. Но ниту една од членките не отпушти ниту еден вработен. Не беше лесно да се одговори на предизвикот. Имате вработени од чии примања зависат цели семејства. Од друга страна, ниту знаете колку ќе трае пандемијата, ниту знаете колку време ќе останете затворени. Мартовската плата и давачките кон државата ги исплативме во целост иако не работевме повеќе од половина месец“ - вели Илијевски и додава дека членките на АСОМ ја искористија владината помош за исплата на плати за април, мај и јуни и дадоа голема поддршка на Владата во напорите да се зачуваат работните места.
Поради пандемијата која го погоди светот се откажаа и одложија спортските натпревари, па и пред затворањето состојбата беше тешка бидејќи немаше пласман за играчите. Сето ова предизвика големи загуби за индустријата буквално насекаде во светот и ќе биде потребно долго време да се надоместат, смета Илијевски.
Меѓу другото, Илијевски вели дека од повторното отворање, уплатно –исплатните места на спортските обложувалници работат веќе 5 месеци и целосно се почитуваат протоколите за работа, донесени од страна на Комисијата за заразни болести. Нема прекин на работата во ниту еден од објектите на членките заради Ковид-19.
„Ние во целост ја разбираме загриженоста на властите за евентуалното зголемување на бројот на заболени во претстојниот период, но исто како и Владата, сметаме дека повторно затворање ќе значи колапс за сите. Мора да бидеме свесни дека ќе живееме со вирусот и понатаму. Мора да го прифатиме тоа и да продолжиме да живееме и работиме по нови правила. Ние навистина покажаваме дека и во услови на пандемија, индустријата може да работи, ако доследно се почитува пропишаното. Колку ќе трае кризата, никој не може да знае. Ќе кажам многу генерално, за целото стопанство, за целиот бизнис сектор, важно е да го одржиме бизнисот, да ги задржиме вработените, да обезбедиме стабилност за себе, но и за државата.“ – заклучува Илијевски.