Интервју со Игор Анѓелков, програмски селектор на КинеНова: Фестивалот изобилува со прекрасни филмови, оваа година лесно достапни за сите преку ТВ24

Игор Анѓелков е талентиран и моќен урбан творец којшто е програмски селектор на Меѓународниот Филмски фестивал КИНЕНОВА.

intervju-so-igor-angjelkov-programski-selektor-na-kinenova-festivalot-izobiluva-so-prekrasni-filmovi-ovaa-godina-lesno-dostapni-za-site-preku-tv24-01.jpg

Оваа година КИНЕНОВА се одржува под мотото „Прво филм“ и за разлика од минатите години, ова 5-то, јубилејно издание се емитува на малите екрани, а го пренесува Телевизија 24 под покровителство на VIVAX. Филмофилите ќе можат да уживаат во своите домови и преку малите екрани да ги следат сите филмови кои што ги нуди фестивалот.

Оваа година, КИНЕНОВА започна да се емитува од 1-ви октомври со ретро програмата на 24 телевизија. Што значи тоа за фестивалот?

КИНЕНОВА се обиде, и ми се чини дека го направи најправилниот и најбезбедниот избор за љубителите на седмата уметност, годинашното издание да го префрли на телевизија и да допре до широк круг на гледачи. Воведувањето на ретро програмата во првите седум денови од октомври беше начин да им искажеме почит и благодарност на филмовите и режисерите кои што беа дел од фестивалот претходните четири фестивалски изданија. Многу сум задоволен од изборот на филмови и како публиката реагира на нив досега.

Освен ретро програмата, каков е останатиот дел од програмата на КИНЕНОВА?

Горд сум да кажам дека оваа година фестивалот има најобемна и најквалитетна програма од сите години досега. Филмовите се поделени во 11 програмски целини, и тоа: Главна натпреварувачка селекција – Меѓународна конкуренција, Киненова РЕТРО, Посветено на Фернандо Труеба, Посветено на Билјана Гарванлиева, Фокус на Австрија, Награда „Лукс“ на Европскиот Парламент, Киненова независни, Киненова специјал, Надвор од конкуренција, Меѓународна конкуренција на куси филмови и македонски куси филмови. Од 8-ми октомври започна да се емитува главниот дел на фестивалот, и ќе трае до 18 октомври. Се’ на се’, годинава нудиме над 30 целовечерни остварувања кои датираат од минатата и тековната година, плус селекција на кратки филмови од земјава и од странство, што претставува навистина одлична фестивалска понуда!

intervju-so-igor-angjelkov-programski-selektor-na-kinenova-festivalot-izobiluva-so-prekrasni-filmovi-ovaa-godina-lesno-dostapni-za-site-preku-tv24-02.jpg

Како се оценуваат оваа година филмовите?

Навистина беше тешко да се направи годинашната програма, со оглед на тоа што многу од фестивалите беа откажани, па премиерите на филмовите беа (или се) одложени за некое идно време. Но, сметам дека направивме квалитетна селекција за која ќе одлучува и тоа како угледно и ценето жири. КИНЕНОВА, всушност, има две жирија, главно жири и второ, помало жири. Главното жири ја цени Меѓународната конкуренција, односно главната натпреварувачка програма, а второто жири ги оценува филмовите во Меѓународната програма на куси филмови и од програмата Македонски куси. Оваа година претседател на главното фестивалско жири е прославениот полски режисер Кшиштоф Зануси. Членови на истото жири се: бугарскиот наградуван режисер Драгомир Шолев и Керем Ајан, директор на најголемиот филмски фестивал во Турција, Истанбулскиот филмски фестивал.

На што е ставен главниот фокус годинава?

КинеНова секогаш во фокус ги става првите и вторите остварувања на новите режисери, новите гласови на светската кинематографија кои се меѓу највозбудливите во фелата. Сепак, освен нив, за збогатување на програмската понуда, секогаш имаме простор и за одредени кинематографии кои сметаме дека треба да се претстават пред домашната публика. Годинава фрламе поглед врз шпанската кинематографија и нејзиниот репрезентативен претставник, Оскаровецот Фернандо Труеба, кој ја откри заносната Пенелопи Круз, која е носител на главните улоги во сите три филма со кои ќе биде претставен. Тука е и новото австриско кино со три моќни остварувања кои никого нема да остават рамнодушни. Да не заборавиме дека фестивалот секогаш отстапува простор и ги третира и македонските филмаџии. Годинава правиме фокус на работата на прерано починатата документаристка Билјана Гарванлиева, со прикажување на три нејзини наградувани остварувања.

Бранка Катиќ е добитник на наградата за особен придонес во филмската уметност на овогодинешното издание на Меѓународниот филмски фестивал КИНЕНОВА. Што вели таа за оваа чест?

Бранка Катиќ ја препознаваме по многуте интересни улоги во југословенските, српските и балканските филмови во изминатите декади, а во последниов период и по улогите во странските продукции. Таа е голем уметник, професионалец во својата работа и нема човек кој што не уживал во повеќето нејзини улоги. Со доделувањето на оваа награда, фестивалот продолжува да ја потенцира работата на актерите од регионов кои во изминатиот период оставиле неизбришлив доказ за својот несомнен квалитет на сребрениот екран.

Би можело да ве интересира:

Каде е и што прави денес момчето што ја отпеа песната „Наташа од трето три“ – Леонид Ристев? Леонид признава дека никогаш немал намера да се занимава музика, иако во 1992-ра...
Ретро мода и неповторливи времиња - Ребека објави носталгични фотки со Тоше, Каролина и Андријана во... Со фотографии направени пред 24 години, Ребека се потсети на времето кога со Тош...
Нашиот Мики Секуловски воодушеви во „Ѕвездите на Гранд“: „Ти си ајкула, местото ти е во финалето“ Босанац, кој е познат по тоа што ретко дели комплименти, по настапот, му кажа на...
Долги нозе и извајано тело - Лара Иванова во црни бикини ја затвори летната сезона Пејачката Лара Иванова, која имаше работно лето со многу настапи, средината на о...
Деца генијалци на Јуниорска Олимпијада и уште 4 позитивни вести од Македонија кои нè израдуваа минат... Виртуозот на пијано, Симон Трпчески повторно нè направи горди по позитивните реа...
Нашата Марија стана светски шампион во кик-бокс и уште 4 позитивни вести од Македонија кои нè израду... Пеце Јанкуловски од Битола со булдожер ископа ров за да спречи пожарот во тој ре...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg