Интервју со Елена Ристеска: „Имам големи планови со „ЕРА“, до крајот на годинава сакам да комплетирам каталог со 10 производи!“
- Детали
- среда, 30 септември 2020
Како дошла до идејата да започне со своја козметичка линија, колку е макотрпен процесот, колку корона кризата ги погоди музичарите и што се случува на љубовно поле - разговаравме со Елена Ристеска, а таа ни откри интересни детали за професионалниот и приватниот живот.
Периодов пејачката е малку повеќе посветена на бизнис отколку на музичката кариера, но вели дека наскоро може да очекуваме повторно да ги изненади фановите со нешто ново.
За нејзината козметичка линија, музичките планови и малку за приватниот живот - отворено со Елена Ристеска:
Она што во моментов е актулено е твојата нова козметичка линија која што го носи името „ЕРА“. После долг временски период најави конечно го видовме првиот производ, односно двата парфеми, машки и женски.
Колку време ја имаше идејата за вакво нешто и дали беше тешко идејата да се претвори во реализација, со оглед на фактот што ова е нешто што досега не си го работела?
Идејата за свои парфеми и свој бизнис е од многу одамна. Но, активно работам и сум посветена на брендот за козметика последниве две години.
Не постои бизнис кој не е дел од макотрпен процес за да се дојде до реализација. Сите почетоци се тешки особено што во овој бизнис влетав без претходна запознаеност со истиот. Имам среќа па го имам правиот тим околу себе, така и успеав да реализирам сè што посакав и замислив.
Благодарение на технологот Владо Баевски, кој безрезервно како за своја фирма и за свое дете, ми помогна и ме упати за сè поврзано со бизнисот.
Потоа, од десет дизајнери, единствено мојата сестра Драгица беше најблиску до логото, естетиката и дизајнот кои ги замислив, иако 8 или 9 месеци се работеше на тоа, сепак дојдовме до посакуваната цел.
Процесот на создавање на парфемите и генерално на свој бренд е нешто многу макотрпно. Многу ноќи непроспиени, службени патувања, саеми, одлуки, состаноци, преговори, проценки, тестирања, лаборатории, транспортни компании, сертификати, печатници и фабрики, детали мал милион, моменти на разочарување, проблеми, грешки, бавни соработници, брзи соработници, сметководствени работи, банки, програмери, професионалци, аматери, видео состаноци, ПР агенции, понуди, Канада , Америка, инвестиции тродупло од планираното... и така натаму , но кога ќе го видите продуктот во свои раце целосно готов, чувството е како да сте носеле бебе девет месеци и конечно го гледате „бебето” во своите раце. :)
Задоволна ли си од првичните реакции и коментари на јавноста?
За старт на нов бизнис во време на вонредни услови поради корона вирусот, можам да кажам дека сум позитивно изненадена и повеќе од очекуваното.
Особено што немаме своја продавница за тестирање на парфемите, луѓето купуваат на невидено и непробано. Беа планирани и договорени неколку трговски центри на Балканот, но за жал, тој план е во мирување поради ситуацијата со вирусот.
Доколку купувачите во вакви услови го купуваат парфемот и им се допаѓа, едвај чекам да го видам резултатот кога ќе живееме во нормални услови.
Покрај тоа што луѓето убаво реагираат на мирисните ноти на парфемите, на логото и дизајните, и начинот на пакување, ме воодушевија реакциите за рекламата која ја снимавме во Мајами со прекрасна екипа: главната задача падна на Дејан Димковски , Душан Кардалевски ни помогна многу и Блаже Дулев исто така ни помогна и ја направи монтажата.
Покрај моделот од Њујорк, Рики, кој беше мојот партнер во рекламата, Арменд Рамадани беше стилистот кој беше задолжен за мојот изглед и за убавата атмосфера на снимањето. :)
Иван Јованов пак заедно со мене ја направи песната која оди во позадина на рекламата која се вика “The reason” и една од верзиите беше снимана во Лос Анџелес.
Ова е само почеток во однос на „ЕРА“, што следува?
Следуваат два нови производи, гел за туширање и млеко за тело, за мажи и за жени со истите мирисни ноти од кои се направени парфемите.
Моментално се тестираат, а во меѓувреме заедно со Промостејџ започнуваме медиумска кампања за промоција на парфемите.
Се тестира исто така и унисекс парфемот кој ќе биде во лимитирана серија. Останатите продукти нека да ви ги откријам, но наскоро ќе бидат и тие реализирани. Моја желба е до крај на 2020-та да имаме каталог исполнет со 10 производи на ЕРА козметика.
Музиката некако ја стави во втор план периодов, кога да очекуваме новитети?
Искрено, и мене почна да ми недостига музиката. Без разлика на тоа што не спиев целосно на музички план, имав и настапи, имав и снимање на нов материјал во Лос Анџелес и во Македонија, имав снимање и на емисии, пишував песни за себе и за други, сепак немам објавено нов музички материјал.
И тоа е нешто што ми го нагласуваа моите фанови, дека им се допаѓа идејата за отварање на бренд за козметиката и парфемите исто така, но, сакаа нова песна и спот.
Се надевам дека во следниот период ќе има ден и за објава на нова музика. Сепак „едно по едно“ е најубава стратегија во секој бизнис. Не можете да сте еднакво добри и ефективни на двете полиња ако работите истовремено на два важни процеси.
Сега откако ја поставив козметиката на постабилни темели , време е за нова песна. :)
Заедно со рекламата за „ЕРА“ излезе и сингл на англиски јазик, дали ќе има видео за истиот и дали е во план промоција?
Секако дека е планирано лансирање на песната од рекламата “Тhe reason” која е напишана за мојот татко.
Ја напишавме со Иван Јованов по нарачка на американските продуценти со кои соработуваме од Лос Анџелес. Но, за видео запис сè уште не можам да потврдам, бидејќи не беше песна работена за овој музички пазар.
Исто така, сакав да направам и македонска верзија, но, ќе покаже времето дали и кога ќе се случи тоа.
Корона вирусот некако нè помести сите од колосек. Многумина коментираат дека музичарите се најпогодени од кризата. Кое е твоето мислење, има ли излез?
Се надевам дека ќе се најде излез од оваа слепа улица. Сепак стравот за иднината кај сите музичари беше силен за време на карантинот, но веројатно подобро платените пејачи не видоа преголем страв кога почна короната, затоа што имаме некоја заштедена сигурност.
Она на кое не помислив е дека вложувањето во козметиката ќе се поклопи со ситуацијата со короната и карантините, па затоа почувствував страв од предвидувањата на поединци за ситуацијата со вирусот, дека уште долго ќе потрае.
Сепак, вистина е дека луѓето, во вакви вонредни услови, на последно место ќе инвестираат во луксуз - како што јас ја класифицирам музиката.
Повеќе ќе вложат во храна и понеопходни работи, отколку во карта за концерт. Но, мислам дека полека нештата си доаѓаат во нормала. И да не се вратат во нормала , сигурно постои некое решение и за нас музичарите и нашата иднина.
Ти недостасува ли дружба со публиката?
Премногу ми недостига таа магична енергија на мојата публика, тоа е еден показател дека не можам без музиката, па макар и 10 други бизниси да отворам. Таа љубов на публиката и адреналин на сцената може само малкумина благословени да ја почувствуваат.
Што се случува на емотивен план, дали си заљубена?
Во цели 24 часа имам само неколку часа пред спиење слободно време, најчесто го поминувам со пријателите, во читање, пешачење, серии или со мојата внука и семејството.
Знаеш колку треба да го заслужи некој потенцијален партнер моето оскудно слободно време? :) Многу. Сè во свое време, ќе дојде време и за љубов. Живеам за да љубам повторно еден ден.
Дали успеа да најдеш време за одмор летово?
Последниве две години не знам што е одмор, шетање и шопинг. :) Тоа е жртвата која ја давам за да успеам да направам „фирмиште” од мојата фирма ЕРА козметика.
Тоа е мојата преголема амбиција, дисциплина, посветеност и фокус само на работата додека не се реализираат сите мои цели и замисли.
Парфемот има достава ширум светот, а се нарачува онлајн. Каква е процедурата?
Многу едноставна е процедурата. :) На официјалната страница на ЕРА козметика ги има двата парфеми, ЕРА парфем за мажи и за жени.
Одбирате кој парфем го сакате и откако ќе пополните податоци за достава и земја на испорака, автоматски се пресметува цената.
Со две транспортни компании работи фирмата и можам да кажам дека имаме одлични услови да не биде превисока цената за оние далечни дестинации. Онлајн продажбата ми е примарна како начин на продажба бидејќи тоа е иднината на продажбата во светот, а во многу земји веќе добро имплементиран начин на продажба.
Секако оние кои сакаат да ги тестираат парфемите, можат да го направат тоа во салонот на Даниел Николовски ако се од Скопје, во салонот Империјал Бјути ако се од Битола и во салонот на Андреј Миске ако се од Штип.
Постои опција да се купат парфемите и преку онлајн платформи како што е Алидедо.мк. И многу наскоро ќе можат купувачите да го купат парфемот и идните производи во трговските центри ширум Балканот, а се надевам наскоро и ширум светот.