ART HOUSE KAREV: Да го слушнеме гласот на генерацијата која носи промена! #WhatWeDoNext
- Детали
- понеделник, 14 септември 2020
Светот, велат, останува на младите. Најголем адут им е поврзаната технологија која е непроценливо важна во оваа дигитална ера и им служи како платформа за остварување на нивните идеи.
Младите ја користат технологијата за поврзување, за едукација, за решавање проблеми, залагајќи се за рамноправно учество во социјалниот, економскиот и културниот живот за сите. Таков е и примерот со средношколците од „Никола Карев“: Ева Стојчевска, Леона Јариќ и Васил Ханџиски здружени во ART HOUSE KAREV, кои организираа онлајн концерти „три дена култура од дома” покажувајќи дека благодарение на новите технологии, можат да останат поврзани и да создаваат музика. Токму таа нивна иницијатива ја искористивме да поразговараме со нив.
Кога мислиме на популарно наречената „Генерација Z“, мислиме конкретно на вашата генерација: млади луѓе родени во екот на современата технологија, која многумина знаат да ја наречат и „деца на интернетот“. Според лично искуство, колку сметате дека Генерацијата Z може да го промени светот?
ART HOUSE KAREV: Секоја генерација може и мора да прави промени! Факт е дека технологијата овозможува многу брзо ширење на идеите, многу побрзо организирање на акции, протести и слични активности кои се дел од која било промена или револуција. Социјалните медиуми овозможуваат групирање околу некоја замисла преку онлајн петиции, постови, кампањи како оваа која ја следат милиони следбеници, а е предводена од луѓе кои имаат голем импакт врз размислувањето и однесувањето на следбениците.
Кампањата #WhatWeDoNext на Deutsche Telekom е посветена токму на вас – младите луѓе кои сметаат дека имаат нешто да му кажат на светот. Дали веќе го чувствувате нејзиното влијание и како мислите дека таа ќе ви помогне во остварувањето на целите?
ART HOUSE KAREV: Да, почнуваме да го чувствуваме! Мене, на пример, ми пиша Џакини. Не го разбира нашиот јазик, но ѝ се допаѓа начинот на кој ги изразуваме нештата. Понекогаш доволна е емоцијата, движењето, гримасата, тонот на гласот да допреш до некого. Овие мали промени, овие условно речено допири, ги зближуваат луѓето и ги конектираат на различни нивоа, па нашата комуникација може лесно да се продлабочува и проширува. Хмм...Па, мислиме дека најголемиот импакт што ќе го носи оваа кампања лежи во малите промени. Од друга страна пак, сметаме дека кампањата ќе им даде друга визура на возрасните кон генерацијата Z, и тие ќе почнат поактивно да го поддржуваат нивниот, всушност, нашиот активизам.
Обично велат „Направи ја промената што сакаш да ја видиш во светот“. Што правите вие за да го промените светот и да го направите онаков каков што го замислувате?
ART HOUSE KAREV: Што правиме? Се бориме за подобро образование кое ќе работи подеднакво на едукативниот и воспитниот дел и ќе ги промовира нашите успеси. За да ја оствариме нашата цел проактивно делуваме во нашето опкружување преку организирање културни настани во нашето училиште и се вклучуваме во креирањето на училишната политика.
Ако само на една минута сите камери и микрофони во светот беа вперени кон вас, која би била вашата порака за јавноста? Имате ли некоја идеја или мисла која сметате дека треба да биде чуена?
ART HOUSE KAREV: Уф, ова е многу тешко прашање... Многу работи би сакале да споделиме, но најважното нешто што би го кажале е: ,,Прифатете се себеси и другите. Уживајте во различностите, зашто заради нив сме си интересни едни на други”.
Со хаштагот #WhatWeDoNext генерацијата Z добива платформа преку која се споделуваат идеи и начини на користење на поврзаната технологија за добро.
„Ние сме генерација којашто поседува навистина голем потенцијал; да создаваме, да соработуваме, да комуницираме, да направиме разлика. Веќе правиме толку чудесни нешта, а тукушто започнавме“ вели Били Ајлиш која е гласноговорник на иницијативата на Дојче Телеком за дигитален позитивизам, со која на младите луѓе им се дава глас и платформа да покажат како ја користат моќта на технологијата за да направат вистинска разлика.