Никогаш не е доцна: „На 60 години отворив перална и пеглана во Скопје, морав да пробам“
- Детали
- среда, 05 август 2020
Светлана Грујовска е жена која е доказ дека никогаш не е доцна да се охрабрите и да почнете свој бизнис – таа на 60 години среде корона криза отвори перална и пеглана во центарот на Скопје, а ја раскажа нејзината инспиративна приказна.
До нашата редакција пристигна исповед на 60-годишната Светлана, која е сопруга, мајка и баба, но сите овие одговорности не ја спречиле да се впушти во сопствен бизнис и пред пензионирањето да си ја додаде и титулата претприемач.
„Тешко е, не знам дали ќе успеам, на само неколку години пред пензионирањето, дали ќе можам сето ова да го износам сама итн. се дел од многуте мисли и прашања што ме мачеа и мене како и секој еден кога ќе реши самостојно да одпочне сопствен бизнис.
СЕ РЕШИВ. Цврсто и ЖЕНСКИ, едноставно морав да пробам, решив да ризикувам и решив да се впуштам во бизнис како жена претприемач која што ќе го претвори во мал бизнис она што најдобро знае да го прави. Така се роди ЛОТОС, градска перална и пеглана со многу љубов.“ – вака ја започнува таа нејзината приказна.
За себе вели дека отсекогаш се грижела за својот изглед, а од сите добивала комплименти за добро сочуваната облека, па токму тоа го искористила како бизнис идеја.
„Отсекогаш сум добивала комплименти за добро сочувана и третирна облека и ткаенини, секогаш сум посветувала посебно внимание на мојот гардеробер и гардероберите на моите најблиски. Па така решив грижата за облеката и ткаенините да ја претворам во мал бизнис, во едно мало градско катче каде што секој еден ќе може да дојде и да си приушти професионална и квалитетна услуга за пристојна цена.
Најпрво отидов и се преквалификував и професионално се стекнав со диплома за управување со професионални машини за перење и пеглање, одржување на облека и ткаенини. Потоа решив поголем дел од мојата финансикса заштеда да ја вложам во оплеменување на просторот и набавка на потребните машини со што полека но сигурно се роди ЛОТОС – градска перална во еден од најстарите градски делови на Скопје – Дебар Маало.“
Иако почетокот на пандемијата влијаел на тоа која е вистинската одлука која треба да ја донесе во ова време, сепак решила да биде храбра, а покрај себе има многу луѓе кои ѝ ја даваат потребната поддршка во овие тешки времиња.
„Прашањата од типот тешко е, дали ќе успеам уште на самиот почеток со појавата на корона вирусот се вратија како тема на размислување. Но повторно СЕ РЕШИВ, со кратка пауза ја отворив пералната. После неколку дена првите муштерии, пофалбите и нивното задоволство мотив плус. Поддршката од фамилијата и пријателите секогаш добредојдена.
Мојот помал син со своите вештини за маркетинг го даде својот придонес, поголемиот син е секогаш тука за добрата логистика и брзо делување. Поблиските членови на фамилијата секојдневно се со мене и со многу предлози знаат да придонесат за подобрување на услугите, пријателите на моите синови како што е Сузана можам да кажам дека постојано е достапна за креативен совет, но и како тест клиент која што со својот префинет вкус за стил, брза мисла и остро око не дозволува ни најмал дел од процесите на услугите во ЛОТОС да се најдат под врвот на совршеноста.
Светлана е уште една храбра жена која ниту годините, ниту секојдневните предизвици не ја спречуваат да го следи својот сон.
Таа за себе вели дека не се чувствува стара, а желбата и мотивот се оние кои ја поттикнуваат да ја реализира цела оваа приказна.
Светлана е инспирација за сите жени, но и мажи, кои се плашат да го направат овој голем чекор.
„Како што кажав и на самиот почеток, годините не ги кријам. Имам 60 години, не се осеќам остарено ниту пак стара, најважно е дека имам желба и мотив. Имам желба да се врати времето кога секој еден одеше во градски моден салон, градска перална и пеглана, градска кафеана. Искрено се надевам дека ЛОТОС ќе прерасне во една успешна приказна, градска перална и пеглана преполна со луѓе и добар стил.
Нека оваа приказна биде мотив и поддршка за сите останати дека никогаш не е доцна да се впуштат во реализирање на своите желби и замисли. Под ова небо и сонце за секој еден има место.
Нека цветаат лотосите.“
Фото: Фејсбук страна на ЛОТОС