Веро со ново работно време од 8 до 19 часот и со повластен термин за пазарување за ранливите категории од 8 до 9 часот
- Детали
- недела, 22 март 2020
Согласно најновата мерка за ограничување на движењето на граѓаните што вчера ја донесе Владата, Веро воведува ново работно време од 8 до 19 часот секој ден. Дополнително, Веро воведува и повластен термин во денот за пазарување во кој приоритет за влегување во маркетот и на каса ќе имаат пензионери, бремени жени, инвалидизирани лица, за да им овозможи поголема заштита на најранливите категории граѓани и да се избегне нивното изложување на поголем ризик.
- Безбедноста на потрошувачите и на нашите вработени е наш највисок приоритет. Вложуваме максимални напори сите потрошувачи да се чувствуваат добредојдени и безбедни во нашите маркети и сакаме да им овозможиме во секое време да се снабдат со сите неопходни производи за нивните потреби.
Воедно апелирам на совесност и разбирање од страна на помладите потрошувачи во наведениот термин да им дадат предност на ранливите категории потрошувачи на кои помошта и поддршката во овие моменти им е најпотребна – вели Петар Денковски, генерален директор на Веро.
И покрај скратеното работно време, Веро маркетите продолжуваат нормално да функционираат. Во маркетите има доволно залихи од основните производи, а редовното снабдување се одвива без никаков застој во соработка со добавувачите.
Хигиенската превенција се одржува на највисоко ниво така што маркетите комплетно се чистат секојдневно, а во текот на денот постојано се дезинфицираат количките и корпите за пазарување, просторот кај касите, полиците и останатите најизложени делови од маркетите.
Веро обезбеди гелови за дезинфекција и заштитни ракавици за сите потрошувачи кои се поставени на влезовите, низ маркетите се поставени известувања за потрошувачите за поголема безбедност, а означени се и места за стоење на препорачаното безбедно растојание од 2 метра.
Менаџментот на Веро будно ги следи сите препораки, секојдневно соработува со надлежните државни институции и ги презема сите потребни мерки за да им излезе во пресрет на очекувањата на потрошувачите во новонастанатата кризна ситуација.