Шампионска емисија: Новак Ѓоковиќ и екипата на „Медена земја“ во Еден на Еден
- Детали
- петок, 28 февруари 2020
Многу оскаровски приказни, но и приказни од нивните патувања низ светот, раскажаа Тамара Котеска и Фејми Даут, креаторите на „Медена земја“ во Еден на Еден, а ќе ги гледаме во недела во 18.30 на Канал 5.
Интересно е што во истата емисија имаме и специјално интервју со Новак Ѓоковиќ за Еден на Еден.
„Би сакал наскоро да дојдам во Македонија. Многу слушав за Скопје и за Охрид од моите родители“, порача тенискиот Ас.
Ноле зборуваше за подготовката за Олимпијадата во Токио, за делот кога ќе го понесат емоциите и лутината и му се случува да скрши рекет и да опцуе, и на други интересни теми.
Тамара и Фејми на Жаре му раскажаа каков е Холивуд одблиску, а тој ги пречека со специјален рап, приказна за целата екипа на „Медена земја“ и за Атиџе Муратова.
„Долби тетарот не е толку голем и грандиозен колку што изгледа. Ако за време на рекламите заминеш во тоалет или на пауза и не се вратиш на своето место додека траат, друг ти го зема местото“, раскажа Тамара. Фејми откри и дека требало да помине доста време додека ги придобијат дел од жителите на селото Бекирлија да го снимаат документарецот на нивен терен. „Не маваа со камења, не ни даваа да пиеме од нивната чешма“, рече кинематографот.
Дел од нивните анегдоти се и за оскаровските забави и најавата дека „Медена земја“ и Атиџе наскоро ќе бидат дел од сликовница за деца. Во продолжение погледнете две интересни видеа како најава за шампионската емисија во недела, едното од Ноле, едното од „Медена земја“.