Бизнис интервју со Зоран Станојевски: Отсекогаш ми беше најважна довербата на луѓето во мене и во Центро Унион
- Детали
- четврток, 27 февруари 2020
Разговараме со Зоран Станојевски, основач на компанијата Центро Унион, која што минатата недела го прослави својот 30-ти јубилеј на постоење.
Тој за CRNOBELO.com ни пренесе искуство за тоа како е да се води успешна компанија, кои се предизвиците, но и кои се мотивите да продолжиме да се движиме во време кога мислиме дека нема надеж за позитивен резултат во работата.
Како се роди идејата за основање на компанијата Центро Унион?
Во текот на животот имав едно мото, „Не го убивај сонот, реализирај го“.
Центро Унион беше мојот сон и доколку не го реализирав јас, ќе го реализираше некој друг. Тогаш немаше да имам можност да го живеам својот сон, туку ќе живеев во туѓ сон.
Центро Унион беше една од првите приватни компании во Македонија. Сонот стана јаве бидејќи верував во себе и во својата визија.
Кој Ви ја даде најголемата поддршка за време на почетоците?
Од самиот почеток, се до денес, мојата сопруга Ленче е мојата најголема поддршка и човек со кој што најдов решение за многу од предизвиците со кои што бевме принудени да се соочуваме во нашиот живот.
Силата и инспирацијата пак во сите овие години е нашата ќерка Тијана, која е само две години помала од компанијата и буквално порасна со нејзе. Последните три години таа е на чело на Центро Унион како прв директор.
Зад секој успешен маж, стои успешна жена. Имав среќа да имам сопруга не со која ќе живеам, туку без која не можам да живеам.
Кои беа најтешките години и дали имавте период каде опстојувањето на компанијата имаше тешкотии?
Компанијата претрпе доста тешки периоди во текот на годините. 1994 година, ние го раскинавме договорот со Горење, најголемата компанија на овие простори. Тие не сакаа Центро Унион да биде увозник, туку сакаа да бидеме нивни дистрибутери. Ние никогаш не сме биле дистрибутери на Горење, туку секогаш сме биле увозници. Дури и самата компанија Горење, иако имаше своја компанија во Скопје, ние сепак останавме како увозници. По нивното барање, јас одлучив да се прекине нашата соработка. Тоа беше многу тешка одлука. На краток рок, дури катастрофална.
Сепак изнајдовме сила, решение и потенцијал со кој што го пребродивме тој проблем. Следната година, ние потпишавме договор со Мерлоне, најголемиот италијански производител на бела техника, Антоние Мерлони и тука го формираме родното име на Фаворит. На почетокот беше тешко, но со тек на времето успеавме да го издигнеме како бренд. Јавноста не знае дека ние бевме застапници на многу брендови во Македонија, меѓу кои имаше врвни производители на бела техника.
Самото време покажа дека после извесен период, сите тие компании тргнаа по некој друг пат и доколку ние во тоа време не одлучивме да тргнеме по патот на Фаворит, навистина не знам што би работеле сега. Често пати знам да кажам дека, кога нешто лошо се случува, тоа сигурно носи некаков успех. Никогаш не треба да се обесхрабруваме бидејќи не знаеме што добро ќе се случи после тешките периоди. Затоа, никогаш не откажувајте се во таквите мигови.
Како би ги опишале години низ Центро Унион?
Годините низ Центро Унион би ги поделил во три декади по десет години. Првите десет години учевме. Војната во поранешна Југославија и ембаргото на пазарот беа најголемите карактеристики на турбулентниот период во бизнис водите. Тоа беше период на преживување и одржување. Не случајно, за време на истиот тој период ние го основавме името Фаворит. Бидете помеѓу луѓето кои што постојано учат, бидејќи можеби еден ден ќе работите за нив.
Вторите десет години се години на инвестиции и на развој. Тоа се годините кога го создадовме тимот во Србија. Ние ги поставивме своите правила, стандарди и принципи за работа. Имавме детален избор на кандидатите за вработување, по што сите вработени ги обучивме. Секогаш се трудам да создадам повеќе, но истовремено знам да се чувствувам благодарен од она што го имам.
Последните десет години будат многу емоции во мене и ги чувствувам многу поразлично од останатите. За мене најзначаен момент беше кога ќерка ми Тијана стана дел од компанијата бидејќи на тој начин го почувствував оној охрабрувачки ветер во грбот. Би рекол дека тоа се годините на развојот на Центро Унион. Начин со кој што се докажавме како семејство.
Како ги негувате меѓучовечките односи во Вашата компанија?
Меѓучовечките односи се како цвеќе. Бараат нега и грижа. Не е доволно да ги негува само еден човек. Важно е да знаат да се негуваат и меѓусебно. Сметам дека меѓучовечките односи во Центро Унион се диктирани и негувани најмногу од страна на вработените кои што се дел од оваа компанија повеќе од дваесет години. Тие самите си го наметнуваат својот ред, ја знаат својата дисциплина и имаат чувство дека компанијата им припаѓа и на нив.
Центро Унион за нив е нивниот втор дом. Токму затоа, при секое ново вработување, важно е да не се уништи таа хармонија која владее со години. Внимаваме безрезервното вложување на нашите вработени да биде наградувано.
Секогаш сакаме да покажеме дека се додека тие се грижат за Центро Унион, и ние ќе се грижиме за нив. Како на корпоративно, така и на приватно ниво, секогаш сакаме да бидеме присутни како поддршка во нивните тешки моменти.
Велите дека „Бизнисот е отворен конкурс за способните“. Дали и после три децении верувате во истото и со што би го надополниле?
Бизнисот е отворен конкурс за способните – секогаш се трудам да ги заборавам грешките бидејќи сметам дека тоа е начинот со кој што ќе продолжиме сигурно да чекориме кон иднината.
Сконцентрирани на она кое што сакаме да го постигнеме, да ги елиминираме сите фактори кои што може да не обесхрабрат.
Со што се чувствувате исклучително горди?
Мене не ме возбудуваат парите. Ниту моите, ниту пак туѓите пари. Никогаш не сум дозволил тоа парче хартија да ме променат. Иако се трудам за нешто поголемо, за малку повеќе од она што го создаваме, парите никогаш не биле мојата главна цел. Она на кое што сум исклучително горд е големата доверба која што сум ја стекнал во сите мои досегашни соработници и во деловниот свет. Тоа е она што не може да се купи со пари.
Сега е незамисливо да започнете ваков бизнис со нула денари. Ние така започнавме да работиме. Соработниците и брендовите за кои што работевме на самиот почеток се виновниците за развојот на Центро Унион бидејќи нивните производи не ги даваа основани на банкарски гаранции, туку на личната доверба – која никогаш не се обидов да ја злоупотребам.
Првата година продадовме дури триесет илјади единици производи Горење. Безусловно доверена количина, за која што бевме должни да ја оправдаме нивната верба во Центро Унион. Започнувањето без сопствен капитал покажа дека токму довербата ќе биде заштитниот знак на нашата компанија. Довербата е клуч на нашата приказна која ниже големи резултати. Таа многу тешко се стекнува, меѓутоа многу лесно се губи.
Како би ја процениле новата генерација на претприемачи? Дали ја препознавате истата визија во младите денес?
Светот останува на младите. Вложувањето во нив и во нивното образование е единствениот начин на правилната инвестиција за иднината. Што се однесува до младите претприемачи во Македонија, може да зборуваме за мали и средни претпријатија.
Големите бизниси покрај голем профит, подразбираат основање на нови пазари, производи и начини на размислување. Тоа е дефиницијата на големите бизниси. Таквите компании се предводени од млади луѓе кои што бизнисот го наследиле од своите родители.
Јас сум среќен што во Македонија постојат компании кои што на многу успешен начин ја направија замената во владејачката генерација. Сметам дека и ние тргнавме по тој пат.