Македонскиот стартап STORNEST избран како дел од Програмата за иновации на Insurtech Hub Минхен
- Детали
- четврток, 13 февруари 2020
Македонскиот стартап STORNEST, креатор на првиот продукт на нашиот пазар кој нуди комплетно решение за нашето лично дигитално наследство, е избран за учесник на Програмата за иновации, од страна на Insurtech Hub Минхен.
STORNEST претставува дигитален сеф во кој секоја индивидуа може да ги зачува и складира своите важни документи и информации, од било кој формат (лозинки, тестаменти, имотни листови, осигурителни полиси, хартии од вредност и др.). Во случај на нереспонзивност, зачуваните податоци се споделуваат со најблиските по предодредени правила, согласно алгоритмот и механизмот кој ја прави оваа проверка. Производот е базиран на врвна сигурносна инфраструктура, која овозможува безбедно зачувување на податоците и нивно пренесување.
Програмата за иновации е замислена како 13 неделна програма во која ќе се обработат повеќе теми како развој на производ и негово глобално позиционирање, скалабилност, таргетирани пазари и група на корисници, маркетинг и продажба, добивање на потребната инвестиција и др. Како корпоративни претставници кои се дел од самата програма се реномираните Allianz, Generali, Microsoft, PWC, Roche, ARAG, Die Bayerische, Munich Re, Markel, LV1871 и WWK.
Организатор на оваа програма е Insurtech Hub Минхен, хаб кој нуди платформа за соработка и партнерство на корпоративниот осигурителен сектор во Германија, со стартапи, инвеститори, високообразовни институции, консултанти и претставници од владиниот сектор.
Мисијата на Insurtech Hub Минхен е успешно фасилитирање на процесот на иновација и развој на производи, како и креирање на вредност за сите страни вклучени во процесот.
Преку учество во оваа програма, STORNEST има директна можност за соработка со компании и институции од германскиот корпоративен и стартап екосистем, како и за продажба на производот на глобалниот пазар.