„Сакам раат од интервјуа“ – Атиџе ќе се посвети на работата во општина и пчелите
- Детали
- вторник, 11 февруари 2020
На прес-конференцијата која тимот од Медена земја ја одржа денес од Лос Анџелес, Самир Љума, Атанас Георгиев, Љубомир Стефанов, Атиџе Муратова, Тамара Котевска и Фејми Даут одговараа на прашањата за кои е заинтересирана јавноста.
Иако се многу среќни поради успехот кој го доживеаа со номинациите на Оскари, сепак целиот тим е веќе изморен од сите активности, интервјуа и случувања во изминатиов период, но одвоија време за да одговорат на прашањата од јавноста.
Фото: Фејсбук
„Оние кои се разочарани што Медена земја не си замина со Оскар во рацете, треба да се преиспитаат себеси, бидејќи тимот постигна огромен успех со двете номинации, што веројатно нема да се повтори наскоро“, според зборовите на режисерката Тамара Котевска, со кои апсолутно се согласуваме.
Од тимот на Медена земја велат дека славата колку што е добра, толку е и лоша за документаристиката, бидејќи не станува збор за ѕвезди, туку за реални ликови кои си го живеат својот живот и се соголуваат пред јавноста споделувајќи ги најинтимните моменти.
„Атиџе и фамилијата на Хусеин се реални ликови коишто се соголија пред нас и ни дозволија да им ги снимаме животите и најинтимните моменти како раѓање, смрт, карање, тепање и сѐ останато што има и нема во филмот.
Разбираме дека јавноста е среќна заради успехот кој го постигна филмот и среќни сме што придонесуваме за среќа, но ова се реални ликови со реални животи и до една мера овој публицитет им годи, но кога ќе се премине границата и преминува во вознемирување – како на пример Атиџе да има 14 интервјуа на ден, тоа веќе почнува да им предизвикува проблем. Би сакале да имате разбирање.“ – вели режисерот Љубомир.
„Сакам да бидам малку на раат од интервјуа и плус не смеам сега засега, треба да се праша во општината и има многу незавршени работи. Имам работа со пчелите“ - се надоврза Атиџе.
Фото: Инстаграм Стори
Што се однесува до „American Factory“, филмот кој освои Оскар во категоријата најдобар документарен филм, тимот вели дека е одличен и заслужено ја доби статуетката, па нема потреба да се навлегува во теории на заговор.
Тие открија дека многу големи имиња посакале да ја запознаат Атиџе, а Хоакин Феникс, Роџер Дикенс се едни од многуте познати фанови на Атиџе и приказната за неа.
Атиџе вели дека едвај чека кога ќе се врати дома да ги види пчелите, бидејќи од таму потекнува Медената земја.
Режисерката Тамара пред крајот повторно се наврати на она што е сепак најважно сите да го запомнат:
„Не смее во ниту еден случај ова да се става во конотација на загуба. Оскарот е формалност, а патот кој што поминува до тоа и луѓето коишто го видоа овој филм се сликата за тоа колку е успешен, а самата додела е шоу кое пред сè е за американска публика.
Не се работи за нас дали ќе бидеме ставени во конотација на победници, но се работи за една одговорност која ја имаме пред целата македонска публика и една мотивација која треба да се задржи кај луѓето особено кај нас, знаејжи колку лесно сите се демотивираат. А баш сега е тоа потребно, да остане некоја радост и надеж дека може секој да направи нешто повеќе.“
Фото: Инстаграм Стори
„Две номинации е подобра од еден Оскар!“ - завршува Љубомир со одлична порака за сите кои се разочараа од исходот на Оскари.
Браво медени! Ви посакуваме многу успеси во иднина, вашето дело никогаш нема да биде заборавено!
М. М. | Црнобело