„ЗдравоЗаГотово“ со нова сезона и нова тема - Антикорупција
- Детали
- четврток, 21 ноември 2019
Интернет серијалот „ЗдравоЗаГотово“ започна со емитување на новиот циклус епизоди на тема антикорупција. Како настанува, каде вирее, како се препознава, кому сè му влијае и секако најважното – како да и се спротивставиме.
Целта на проектот “ЗдравоЗаГотово - Антикорупција“ е да ја зголеми информираноста на тема корупција, да предизвика критичко размислување, и да го намали прагот на толеранција на граѓаните за оваа апсолутно негативна појава што континуирано го разнишува нашето општество.
Серијалот испраќа јасна порака “да не ја земаме корупцијата здраво за готово“, и преку едукативен и вешто духовит начин не’ соочува со нашиот нарав и подложност на корупција.
Речиси и да нема граѓанин кој свесно или несвесно учествува во корупција во државата. Попрецизно, “ЗдравоЗаГотово - Антикорупција“ ги посочува нашите непромислени навики да носиме подароци за службениците кога одиме да завршиме редовна административна процедура. Но, и нашите нагони “да завршиме побрзо работа“ и да “го прескокнеме редот“ со што ги активираме сите познанства со јавна функција.
Дали е срамота да не „дадеш подарок“ ако ти „завршат работа“ без разлика дека лицето кое ти завршило работа зема плата „за тоа“ од државниот буџет?! Не ја земајте #ЗдравоЗаГотово доверената моќ на службениците на функција!
#Антикорупција#02 Администрација со супер моќ!
И многу повеќе од тоа, “ЗдравоЗаГотово“ не соочува со неколку т.н. коруптофакти, или алармантни податоци, како што е процентот на случаите кога граѓани го иницираат подмитувањето што изнесува 32%, наспроти 25% од случаите каде експлицитно било побарано од нив мито.
- Корупцијата нè засега сите. Таа се заканува на одржливиот економски развој, на правдата и етичките вредности, го дестабилизира нашето општество и го загрозува владеењето на правото. Ги поткопува институциите и го доведува во прашање демократскиот систем. Корупцијата носи до сиромаштија.
Ги одвраќа странските инвестиции, го забавува развојот на инфраструктурата... Навлегува во секој животен аспект, ги лишува граѓаните од нивните уставни и човекови права. Токму затоа оваа сезона решивме низ поинаква призма, низ еден систематски пристап, но и хумор и оптимизам, да влијаеме врз свеста на граѓаните и да ја „разгориме“ нивната желба да и’ се спротивстават кон корупцијата“ – изјавија од авторската екипа.
Водителка и оваа, како и минатата сезона е актерката Маја Љутков, а серијалот се емитува на социјалните мрежи во текот на ноември и декември.
Следете ги каналите за комуникација Facebook, Instagram и YouTube, секој вторник во 19:00 часот излегува нова епизода, а секој ден објавуваме многу интересни и важни информации
“ЗдравоЗаГотово - Антикорупција“ е во продукција на Центарот за социјални иновации - Блинк 42-21.